Александра Јорданов: Во „Старс“ развивме иновативни решенија во третманот на деца, тинејџери и возрасни лица кои имаат атипичен развој

Раната детска едукација не е потребна само за поддршка на образованието туку и за развој на многу други вештини кои се основа за учење и развивање на мозокот. Стимулирањето на вештини како интелектуална љубопитност, истрајност, социјални вештини и емоционална стабилност се основа за успех, социјална интеграција и личен развој на секое дете. Овие потреби се особено изразени кај децата со атипичен развој. Колку порано се пристапи кон надминување на одредени потешкотии, толку порано едно дете ќе може полесно да се прилагоди на идните ситуации. Токму со оваа проблематика се занимава Александра Јорданов од „Старс“ првиот приватен центар за стимулација, раст и развој на деца со типичен и атипичен развој во регионот на источна Македонија. Токму на оваа и слични теми се решивме да поразговараме со оваа хумана жена која секојдневно работи со деца кои имаат некаков проблем.

  1. Од кога постои центарот за стимулација, раст и развој на деца со типичен и атипичен развој?

Центарот за стимулација, раст и развој „СТАРС“ постои од 1 октомври 2019 година. Работиме на развој и примена на нови иновативни решенија во третманот на деца, тинејџери и возрасни лица кои имаат атипичен и типичен развој, како и потреба од дефектолошки, логопедски третман, неурофидбек и плеј атеншн третмани во централниот и источниот дел на државава. Од 15 март годинава, започнавме и со работа во Скопје, каде што во целост се имплементирани истите методологии за работа со деца, тинејџери и возрасни кои што имаат потреба од истите услуги.

  • Како успевате да ја добиете довербата од родителите?

Соработката со семејствата ни е најважна од се и претставува главна алка во целокупниот процес на работа. Отворениот пристап и реалната слика за состојбата се основа за добра комуникација и соработка со нив.

3.            Дали можете да ни кажете нешто повеќе за вашата програма за работа?

      Основа на нашето заедничко работење како тим, пред се е раната интервенција. Раните интервентни програми се фокусираат на учење на социјални и комуникациски вештини. Основен принцип е дека учењето треба да биде прилагодено на секое поединечно дете, а способноста за учење се докажува со напредокот кој се постигнува. Во работата со деца со аутизам, во центарот за стимулација, раст и развој „СТАРС“, ги користиме специјалните методи како што се: терапија со сензорна интеграција, PECS метода, ABA – применета бихејвиорална анализа, Floor time, brain gym, логопедска терапија, TEACHH метода, неурофидбек метода, плеј атеншн метода, фор бреин и саунд сори. Сите овие методи имаат јасен принцип на работа и структура која треба да се спроведе во пракса.

  • Дел од вашата програма е и Floortime моделот кој претставува модел на учење за интеракција преку природните чувства и интереси на детето. Можете ли да ни кажете нешто повеќе?

Floortime моделот е модел на учење за интеракција преку природните чувства и интереси на детето што им овозможува на различни делови на умот и мозокот да работат заедно и во исто време да градат повисоки нивоа на социјална, емоционална и интелектуална способност.

Претставува програма за интензивна интервенција заснована на профилот на детето и  се разликува од другите рани интервенции кои не ги решаваат основните проблеми или целиот спектар на вештини што децата треба да ги совладаат.

Важноста на Floortime е во пристапот, што се фокусира на индивидуалните карактеристики на секое дете, вклучително и како детето ги обработува информациите, неговите развојни достигнувања и сл.

Floortime се покажа како успешен метод во случај на скоро секое дете. Иако сите деца имаат различни потенцијали, секое дете може да се искачи по својата развојна скала бидејќи токму овој метод ги следи природните емоционални интереси на детето преку разиграни интеракции.

  • Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат децата во развој?

Со тек на време дојдовме до заклучок дека модерното време на користење на електронски уреди допринесува да децата кои што се во развој имаат отсуство на социјални и комуникациски вештини, немаат доволно развиена крупна моторика, фини моторни вештини а исто така и проблеми со говорот, односно отсуство на истиот или присуство на бебешки говор и сл.

  • Кој е најдобриот начин за да се постигне поголемо внимание, фокус и концентрација кај малите деца, и тие да се подготват за школските денови?

Ние како генерација имавме среќа да растеме со различни видови на игри, како играње топка, ластик, брзозборки, криенка и сл. Овие игри сами по себе ги развиваат вестибуларниот, проприоцептивниот систем кај децата, се подобруваат моторните вештини како и поодбрување на говорни вештини, социјални и комуникациски со што самите деца многу подобро функционираат во средината и се спремни за понатамошни предизвици.

Преку овој начин на игра се канализира состојбата на хиперактивност, се подобрува вниманието и фокусот и најважно од се е што децата другаруваат.

Translate »