Како звучи и изгледа Кристен Стјуарт во улога на Лејди Ди: Погледнете го 2-минутниот трејлер
Претставен е уште еден трејлер за филмот „Spencer“ кој е инспириран од животот на принцезата Дајана.
Во нешто повеќе од 2 минути, за првпат може да се чуе гласот на Кристен Стјуарт, а многумина веќе предвидуваат дека оваа улога ќе ѝ донесе номинација за Оскар на младата актерка.
Во трејлерот можеме да видиме како Дајана се спротивставува на кралските традиции, но и како изгледал животот на принцезата во периодот кога се рушел нејзиниот брак со принцот Чарлс. Освен тоа, прикажана е и нејзината грижлива мајчинска страна и посебниот однос со синовите Вилијам и Хари.
Сценариото за филмот е на Стивен Најт, додека режијата ја потпишува Пабло Ларејн. Филмот беше премиерно прикажан на „CinemaCon“, а потоа и на „Toronto Film Festival“. Според пишувањата на „Entertainment Weekly“, „Spencer“ ќе пристигне во киносалите ширум светот во ноември оваа година.
За потсетување, животот на принцезата Дајана е посебен извор на инспирација за филмските професионалци ширум светот. На бројните стриминг платформи се достапни документарци кои од различни агли ја обработуваат оваа тема, а посебна популарност во последните неколку години стекна и серијата на „Netflix“, „The Crown“ која исто така се занимава со британското кралско семејство.