Спасовски : Ќе се истражува кој им помагал на Грујевски и Бошковски

Обвинителството ќе треба сериозно да поработи во врска со логистиката што поранешните началници на Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, ја имале од луѓе во Македонија за нивното бегство од државата, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервјутоза емисијата „360“ на „Алсат-М“.

– Домашната логистика е клучната за целото нивно поминување надвор од територијата на Македонија. Ако немале логистика која им давала помош во финансиски средства, дури и со тие нелегални патни исправи, нивното заминување не би било можно – рече Спасовски.

Прашан дали Грујовски и Бошковски имале помош од странски служби, Спасовски рече дека не сака да шпекулира за какви било податоци или врски и дека важно е тоа што имале помош од луѓе однатре.

– Таа помош однатре е констатирана и многу извесна и тука ќе треба и Обвинтелството да работи сериозно и на овој сегмент – истакна Спасовски.

Во врска со ризикот важни безбедносни информации да протечат до грчките служби и што доколку Грујовски со себе ги имал прислушуваните разговори, министерот за внатрешни работи вели дека, според него, такви информации нема да бидат од интерес за Грција.

– Разговорите што ги имавме, кои ни беа предадени и кои потоа ги предадовме во СЈО, беа преку еден милион. Колку има Грујовски, колку има Никола Груевски, колку има Сашо Мијалков, ние не можеме да знаеме. Не верувам дека такви информации за приватни животи на граѓани на Република Македонија, за политички противници ќе бидат од некаков посебен интерес таму. Тие ги користеле овде, за злоупотреба и за рекетирање и за уцени на луѓе – вели Спасовски во интервјуто.

На прашањето дали тоа што Македонија нема билатерален договор за правна помош со Грција може да биде пречка за екстрадицијата на Грујовски и на Бошковски, министерот е дециден дека нема пречки затоа што има меѓународни конвенции на кои се обврзале и Македонија и Грција.

– Втората работа е тоа што имаме добра соработка со Грција во изминатиот период. Имавме добра соработка за време на мигрантската криза, а на неодамнешната министерска средба што ја имавме во Солун, констатиравме дека кога станува збор за организираниот криминал и за корупцијата мораме да имаме соработка без разлика дали имаме потпишани меѓусебни билатерални договори и акти. Постојат меѓународни конвенции и директиви на Европската Унија кои мора да се почитуваат – вели Спасовски.

 

Translate »