Шилегов објави фотографија од непрописно паркираниот автомобил на Апасиев
Град Скопје ги отфрли обвинувањата на пратеникот Димитар Апасиев дека скопската пајак служба „работи во спрега со урбаната мафија“.
Од кабинетот на градоначаникот Петре Шилегов испратија соопштение и фотографија со казната.
„Град Скопје со индигнација ги отфрла клеветите на пратеникот Димитар Апасиев, дека „Скопската пајак служба работи во спрега со урбаната мафија“. Градот работи исклучиво во корист на граѓаните и за заштита на јавниот простор. Жителите на општина Аеродром имаат воведено зонско паркирање и можат да паркираат до три автомобили по симболична годишна такса. Пратеникот паркирал автомобил на улица блокирајќи го протокот на сообраќај и непрописно паркираниот автомобил бил отстранет од службите. Градскиот паркинг постојано добива пријави од граѓани за блокирани тротоари и коловози и постапува по пријавите во согласност со законот, стои во соопштението.
Се додава дека за службите на Град Скопје законите важат подеднакво за сите, па и за несовесните пратеници кои ги прекршуваат забраните за паркирање на автомобили на коловоз.
„Град Скопје сака да верува дека заложбата на пратеникот за почитување на законите не е само декларативна и дека истиот мисли дека законите важат за сите, па и за пратениците, стои во реакцијата.
Апасиев вчера обвини дека во неговото маало, во Аеродром, забележувал дека скоро секое утро по пет-шест пајак возила им ги креваат колите на станарите од пред зграда, на тој начин директно терајќи ги да купуваат паркинг места од инвеститорите и градежните компании
„Во нормална држава, со купувањето на станот ти следува и твое паркинг место (пред зграда или во подземна гаража). Но, нашите инвеститори – кои ги подмитуваат градоначалниците со по стан-два за секое издадено одобрение за градба – за да спечалат екстра профит, си соработуваат со локалните власти и сообраќајната полиција, дерејќи го народот со казни, за да го присилат да им ги купува прескапите паркинг места (кои чинат 5-6.000 евра по место), напиша Апасеив.