Само во 2018 година 18.478 македонски државјани заминале во Германија.
Население еднакво на бројот на жители во некој од помалите македонски градови лани заминало во Германија, и таму останало и оваа година.
За една година 18.478 македонски државјани заминале во Германија.
Само во 2018 година вкупно 18.478 македонски државјани заминале во Германија. Од нив, 7.812 останале во земјата и во 2019 година, а 10.666 се вратиле назад во земјава. Овој тренд може да продолжи со оглед на фактот дека на Германија и во наредниот период ќе ѝ. биде потребна работна сила, која мора да ја увезува.
„Сите ќе си одат доколку ги исполнуваат критериумите, а тоа е да имаат некој занает, но и да знаат германски јазик. Засега најголема пречка е јазикот, и повеќето кандидати се запишуваат на забрзан курс од 8 до 9 месеци за да научат да зборуваат германски јазик. Нема што не се бара од кадар за работа, но најдобри плати даваат за медицинските сестри 3.000 до 3.200 евра бруто, а исто така ценети се и заварувачите и доста ги бараат и нив. Засега имаме над 20 кандидати кои учат јазик и чекаат да заминат во Германија. Се јавуваат луѓе од секаде, од Прилеп, Битола, Богданци, иако ние сме на Истокот“, велат од агенција за посредување при вработување од Штип.
Од другите агенции кои посредуваат за работа во странство, велат дека патот до Германија не оди само преку нив, туку и преку лични контакти, пријатели, роднини, а дел од граѓаните и самостојно се снаоѓаат, без разлика дали поседуваат македонски или европски пасош.
„Дискутабилно прашање е дали тој тренд на иселување ќе продолжи затоа што зависи од повеќе фактори, платите, состојбата на пазарот на трудот, дали ќе им одговара да заминат. Повеќето млади кои се квалификувани веќе се излезени надвор“, велат од агенција од Скопје.
Појаснуваат дека луѓето кои заминуваат со посредништво на агенција за вработување, конкретно сезонски или преку програми за една или две години, по тој период мора да се вратат во земјата.
Луѓето кои сега работат во Германија велат дека треба многу работи да се сменат во Македонија, за да се спречи одливот на млади луѓе.
Растот на бројот на доселеници од Македонија започнал во 2011 година кога во Германија пристигнале 5.679 имигранти, но останале само 495. Најголем раст е забележан во 2015 година кога во Германија пристигнале околу 25 илјади доселеници од Македонија, а бројот на македонски државјани во Германија сега надминува 100.000 луѓе.