Намалени акцизи, ДДВ и субвенции за справување со енергетската и ценовната криза
– Со 26 мерки за помош на граѓаните и компаниите, во вредност од 400 милиони евра, ќе се ублажуваат последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт. Со нив, како што објави вчера Владата, треба да се сочува животниот стандард на граѓаните и да се одржи ликвидноста на компаниите. За справување со енергетската и ценовната криза ќе се намалува цената на горивата преку намалени акцизи и ДДВ, а најранливите категории граѓани ќе добијат субвенции. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинија Владата дека е одговорна за кризата, упатија критики за предложените мерки и побараа итен ребаланс на Буџетот. Итни мерки за помош побараа и асоцијаците на транспортните компании, а во меѓувреме Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за поскапување на нафтените деривати во просек за 6,88 проценти. – Предизвиците пред нас се огромни, во услови на постпандемија се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и на енергенсите како резултат на воената агресија на Русија на Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основните продукти и енергенси не засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри мерки и политики ќе ја премостиме, рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција на која ги презентираше двате групи мерки. На граѓаните им порача дека има доволно количини на храна и енергенси во стоковите резерви и оти Буџетот е стабилен, ликвиден и во полна кондиција да ги финансира сите обврски. Нема опасност ниту по стабилноста на денарот, тврди Ковачевски.