50 милиони луѓе во модерно ропство: Пандемијата, војните, климатските промени доведоа до скок на принудна работа и принудни бракови
Од пандемија, до климатски промени – катастрофите во изминатите пет години го потресоа секојдневниот живот, а новиот извештај покажува дека во многу земји економската несигурност која следуваше турна милиони луѓе во модерно ропство.
Се верува дека околу 50 милиони луѓе ширум светот се жртви на принуден брак и принудна работа – што е зголемување од 25 отсто во однос на последната проценка во 2016 година, според извештајот објавен од Меѓународната организација на трудот (МОТ), невладината организација Walk Free и Меѓународната организација за миграција.
Истражувачите спровеле серија истражувања во повеќе од 180 земји за да дојдат до нивните резултати.
Според извештајот, Ковид-19, вооружените конфликти и климатската криза предизвикаа „невидени нарушувања“ во вработувањето и образованието, што доведе до зголемена сиромаштија, миграција и родово базирано насилство – сето тоа се ризици за модерното ропство.
Генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер, изјавил дека „ништо не може да го оправда опстојувањето на оваа основна злоупотреба на човековите права“.
„Знаеме што треба да се направи и знаеме дека може да се направи. Ефективните национални политики и регулативи се од суштинско значење. Но владите не можат сами да го направат тоа“, вели тој.
Во извештајот се наведува дека подобри закони, посилна правна заштита и поголема поддршка за жените, девојките и ранливите групи би можеле значително да го намалат или еден ден да му стават крај на модерното ропство.

Жени и девојки
Се проценува дека 22 милиони луѓе живеат во принудни бракови, се наведува во извештајот и се додава дека ова е скок од 43 отсто во споредба со 2016 година.
Повеќе од две третини од присилените на брак се жени и девојчиња, се наведува во извештајот, додавајќи дека тоа ги става во поголем ризик од сексуална експлоатација и насилство.
Повеќе луѓе во Азија и Пацификот биле во присилни бракови, но кога се земала предвид големината на населението, истражувачите откриле дека присилните бракови биле позастапени во арапските држави.
„Ковид-19 ги влоши основните двигатели на сите форми на модерно ропство, вклучително и присилниот брак“, се вели во извештајот.
Во некои земји, карантинот ги спречи луѓето да заработат пари, а со затворените училишта, некои семејства ги испратиле своите деца на работа за да помогнат да се стави храна на маса.
Главниот град на Индија, Делхи, доживеа едно од најдолгите затворања на училишта во светот поради пандемијата, принудувајќи повеќе од 4 милиони деца да останат надвор од училницата повеќе од 600 дена.

Деца и принудна работа
Принудната работа е зголемена за 11 отсто на 28 милиони луѓе од 2016 година. И речиси секој осми е дете, што на ова прашање му дава „посебна итност“.
Повеќе од половина од децата се во комерцијална сексуална експлоатација, што вклучува криминални дела на трговија со луѓе каде примарна форма на принудна работа се сексуалните услуги, се наведува во извештајот.
„Квалитативните извештаи покажуваат дека децата може да бидат изложени на тешки форми на принуда и злоупотреба, вклучително и киднапирање, дрогирање, заробеништво, измама и манипулација со долгови. Некои од најлошите злоупотреби се случуваат во ситуации на вооружен конфликт.
Околу 86 отсто од случаите на принудна работа се во индустриите во приватниот сектор, вклучувајќи ги производството, градежништвото и земјоделството, а Азија и Пацификот се дом за повеќе од половина од вкупната глобална принудна работа, се вели во извештајот. Истражувањата покажаа разлики меѓу половите кога станува збор за принудна работа, вклучувајќи ги и индустриите што ги користат и природата на принудата.
Жените се принудени да работат многу почесто од мажите и најчесто во домашни работи, додека мажите се во градежниот сектор.
Додека жените се принудени на принудна работа преку злоупотреба и неплаќање, мажите имаат поголема веројатност да добијат закани за насилство и парични казни, стои во извештајот.

