Санкт Петербург: Путин да биде обвинет за велепредавство

Велепредавство – така гласи обвинувањето против Владимир Путин изнесено од членови на советот на општината Смолнискоје во Санкт Петербург. На 7 септември го изгласаа предлогот да се испрати петиција до руската Дума. Таа го содржи предлогот да му се одзеде функцијата на рускиот претседател – поради неговото воено постапување против Украина, кое во Русија не смее да биде именувано како војна, туку само како „специјална воена операција”.

Никита Јуферјев од 2019 е член на општинскиот совет. Тој уште на почетокот на нападот врз Украина на 24 февруари 2022 заедно со колега и пратеници од различни политички движења од други општини, најави  собир против војната.  Од властите не добиле дозвола за собирот. Подоцна, на 2.март, Јуферјев и колегите ги поканиле граѓаните на Санкт Петербург на отворена седница на советот. „Дојдоа многу луѓе, но и полицијата и специјални сили. Видливи беа многу шлемови и транспортери за затвореници, но ситуацијата остана мирна. Се договоривме да упатиме апел до претседателот Путин да ја заврши специјалната операција”, се потсетува тој за ДВ. Апелот бил испратен до Кремљ, но повратен одговор немало.

Во август годинава во свое лично име Јуферјев испратил барање до Путин со молба да се заврши специјалната операција од хуманитарни причини. Овој пат добил одговор од Кремљ во кој се вели дека се разгледувал апелот, но Русија води „специјална операција за демилитаризација на Украина и против тамошните нацисти”.

Претседателот не постапува во интерес на Русија”

Колегата на Јуферјев, Димитриј Паљуга, на седницата на Советот одржана на 7 септември, поднел предлог за петиција до државната Дума. Паљуга и Јуферјев нагласуваат дека постапуваат во рамки на законските надлежности и дека се придржуваат до пропишаната постапка. „Засега нема преседан за пресуда заради апел упатен до државен орган. Освен тоа, руското право такво нешто експлицитно забранува”, објаснува Паљуга.

Според него петицијата не е спонтана одлука. Идејата Паљуга ја добил откако на социјалните медиуми и дури и на „патриотски” Телеграм канали кои го поддржуваат курсот на владата, прочитал критики дека „претседателот не постапува во интерес на Русија”. Во јули московскиот пратеник Алексеј Горинов беше осуден на седум години  затворска казна поради „ширење лажни информации” за руската армија.  Паљуга вели: „Секако ни е јасно дека преземаме ризик врз себе, но ова го сметаме сега за исправно.”

„Индиции за велепредавство“

Јуферјев и Паљуга ја објавија својата петиција на Твитер, за сите да ја видат. Во објавата се вели дека, според рускиот Устав, однесувањето на Путин има индиции за „велепредавство“. Конкретно се споменуваат четири аспекти: уништување на борбено способни единици на руската армија;  смрт и повреда на млади и работоспособни руски граѓани;  штета врз руската економија; проширувањето на НАТО со почетокот на војната во Украина и опремувањето на украинската армија со современа западна опрема, што е во спротивност со „демилитаризацијата“ на Украина.

„Ние не го гледаме проширувањето на НАТО како директна закана за Русија, но се обидуваме да апелираме до различни целни групи со различни аргументи за да ги убедиме дека целата оваа работа мора да се заврши“, рече Јуферјев.

Според него, половина од дваесетте членови на општинскиот совет, вклучувајќи го и претседателот на владејачката партија во  Кремљ, „Единствена Русија“, биле отсутни од гласањето. Според законот, пак, кворумот е обезбеден со десет пратеници. Седум од присутните гласале за петицијата до Државната дума.

„Попрво е апел до Русите”

 На прашањето каква реакција очекуваат тој и неговите колеги на петицијата, Јуферјев вели дека „нашето барање, на кое иако технички адресати се главните носители на одлуки во Русија, всушност не е насочено кон нив. Знаеме дека тие или воопшто нема да одговорат, или ќе одговорат со нешто бесмислено. Ова е апел до сите Руси кои се исто толку загрижени како нас за ова што се случува. Сакаме да им покажеме дека многумина меѓу нас се против тоа што се случува.“

Димитриј Паљуга е на случен став. „Ова го направивме главно за да им покажеме на другите луѓе, кои исто така се противат на она што се случува во оваа земја, дека има пратеници кои исто така се против и се подготвени за тоа отворено и гласно да зборуваат“, вели тој за ДВ.

Ваквото нивно постапување, како и што се очекува, не остана без последици. Никита Јуферјев вели дека пратениците добиле покана за информативен разговор во полиција поради „дискредитација на армијата.“

„Ако сакаат да нѐ казнат, тогаш со сигурност ќе го сторат тоа. Но, што треба да правиме ние, да молчиме?“, прашува Јуферјев. Тој е сигурен дека огромното мнозинство Руси, како што вели, не се „воени заговорници“.

„Ние сме сите воспитувани од генерации кои ја доживеале Втората светска војна. Нашите баби и дедовци секогаш ни велеа – ‘сè е добро додека нема војна’. Сега се зборува за ‘специјална операција’, но на луѓето веќе им станува јасно за што всушност се работи и колку луѓе се загинати. Нашиот народ е мирољубив и мислам дека наскоро луѓето во Русија ќе почнат да го отфрлаат ова што се случува,“ заклучува тој.

Translate »