Интерпол гони македонски бизнисмен за киднапирање на унгарската Мис Универзум 2021 и трговија со луѓе (ФОТО)
Унгарската убавица Викторија Јазмин е спасена од заробеништво на трговците со луѓе, по што Интерпол ја истражува балканската криминална банда предводена од македонски бизнисмен, тврди манекенката која во Македонија дошла да промовира модна колекција.
Според нејзината драматична приказна таа во Македонија дошла како манекенка, но по неколку дена Викторија Јазмин дошла во ситуација да го спасува својот живот.
Убавицата која е победник на Мис Универзум Унгарија за 2021 година, всушност, тврди дека доколку не реагирала на време можела да стане жртва на трговци со луѓе или органи.
21-годишната девојка раскажа за унгарските медиуми што се случило пред еден кога побегнала од мажот кој се претставувал како бизнисмен, кој веќе го истражува Интерпол.
,,Мe бараа да се фотографирам во колекција облека, не само јас, вкупно 12 манекенки добија договор. Тимот беше меѓународен, разговаравме за деталите во заедничка група за пораки. Конечно, пред еден месец пристигнав во Македонија, на брегот на Охридското Езеро, во близина на албанската граница”, младата девојка нервозно ја раскажува приказната, која на почеток изгледала сосема невина.
Околината беше чудесна, човекот кој се нарекувал Џими (името е променето поради истрагата) на почетокот бил фин, но по само неколку дена ситуацијата се претворила во кошмар.
,,По пристигнувањето, персоналот на хотелот ми го зеде пасошот, а потоа ништо не се случуваше со денови, каде и да одев некој беше со мене, ме чуваше. По некое време, мојот клиент почна да ме турка. Сакаше да ме прегрне, ме замоли да му дадам бакнеж, ми пријде малку насилно, но јас одбив”, раскажува Јазмин.
Овој човек ја намамил Јазмин Викторија во Северна Македонија
„Тој само еднаш се сврте кон мене и ми рече: ако те убијам токму овде и те фрлам во езерото, никој нема да знае каде си дваесет години. Се исплашив, но не покажав. Потоа испив две чаши вино. После тоа, ништо не се сеќавам од вечерта, веројатно имаше нешто во пијалокот, паднав во несвесна состојба”, открива манекенката, која кога ја прашале дали мисли дека додека била во бесознание била повредена или се случило нешто со што таа не би се гордеела, одговора: “Се надевам не…“
Манекенката која минатата година победила на натпреварот за Мис Универзум во Унгарија следниот ден, го известила својот татко и девојките од групата за пораки дека има проблем, а потоа следеле пеколни 24 часа.
,,Бидејќи секој ден одев на прошетка, ја избравме оваа тактика за да избегам. Оставив се во хотелот и заминав. Луѓе ми помогнаа да поминам две ноќи на шелтер”,објаснува Јазмин Викторија, која успеала да ја сокрие додека татко ѝ не дошол во Македонија и не ја донесол дома во Унгарија.
„Тоа беше пеколен ден. Се плашев дека ќе ме најдат. Воопшто не спиев, се плашев да ги затворам очите. И сега имам кошмари, бидејќи специјалистите потоа рекоа дека добро сум поминала без да ме продадат мене или моите органи”, раскажува младата девојка која една недела по враќањето дома не можела да зборува за тоа што и се случило.