Горива добиени во процесот на преработување на отпад (РДФ и СРФ) и кои се разликите

Како што светот се труди да ја намали својата зависност од фосилни горива, горивото добиено од преработен отпад (РДФ) и цврстото гориво добиено со преработка на отпад (СРФ) сè повеќе се користат за генерирање на енергија како одржливи извори на енергија.

РДФ (RDF – Residual derived fuel) и СРФ (SRF – Solid recovered fuel) можат да имаат важна улога при пренасочување на отпадот од депонии. При нивно производство, отпадот се претвора во гориво што може да се користи во индустриските процеси и фабриките, коишто работат на принципот „енергија од отпад“ (WtE) и генеририраат енергија и топлина. Тука ќе објасниме од што се направени РДФ и СРФ и кои се главни разлики помеѓу нив.

Што е РДФ?
РДФ се прави од цврст комунален отпад, што претставува збир на повеќе видови комунален отпад кој не е селектиран, како и неопасен индустриски отпад.
Изработката на РДФ започнува со селекција на материјали од цврст комунален отпад што можат да се рециклираат. Потоа, отпадот што останува се ситни и се третира пред неговата компресија во РДФ. Ова гориво се пакува во бали и потоа се испраќа во инсталациите за согорување со цел од него да се добие енергија.
РДФ е обновливо гориво, лесно се транспортира и лесно се складира. Калоричната вредност е висока и има стабилно согорување. Исто така, секундарното загадување и емисиите на диоксини се мали.

Што е СРФ?
СРФ се смета за подобро рафинирано гориво со низок процент на влажност и содржи релативно високо количество на енергија. Неговата калорична вредност е приближно две третини од онаа на јагленот. СРФ не само што може да се користи како алтернатива на фосилните горива за добивање на електрична енергија, туку се употребува и во печките за добивање цемент и други индустриски процеси.
Слично како и РДФ, СРФ се произведува од неопасниот цврст комунален отпад. За овој вид на алтернативно гориво да ја добие неговата конечна форма минува низ повеќе фази на обработка. На почетокот, цврстиот комунален отпад се суши, се сепарираат материјалите погодни за рециклирање и остатокот се ситни. За да се добие квалитетно СРФ гориво, во него се оставаат само фрагментите од отпадот што имаат висока калорична вредност и ниска содржина на хлор. Најчести се: хартија, дрво и одредени видови пластика и текстил.

Која е разликата помеѓу РДФ и СРФ?
Иако овие две алтернативни горива потекнуваат од речиси истиот отпад, тие се разликуваат по потребното ниво на обработка и степенот на рафинирање. СРФ вообичаено претставува тип на гориво кое има висока рафинираност и се произведува строго по однапред утврдените спецификации кои му се потребни на крајниот потрошувач. За разлика од него, за РДФ да дојде до конечниот производ не е потребно толку високо ниво на рафинираност.
Интересно е тоа што во поново време разликата помеѓу РДФ и СРФ не е веќе така јасна. Со појавата и развојот на нови технологии за преработка на отпадот, сè почесто се произведуваат горива кои според своите карактеристики се наоѓаат помеѓу РДФ и СРФ.

Извор: https://www.ahkgroup.com/difference-between-rdf-and-srf/

Translate »