Михаил е најмладиот македонски претставник на Open Cup Serbia: 16-годишниот бербер од Скопје со долгогодишно искуство во професијата

Доказ дека младоста не е пречка да се биде врвен во својата област е приказната на скопјанецот Михаил Шегмановиќ, 16-годишно момче кое со своите десет прсти веќе гради кариера во професијата која отсекогаш ја сакал. А годинава, за првпат ќе ја има можноста да настапи на Open Cup Serbia 2026, регионалното натпреварување за бербери, козметичари и фризери.

Уште на 12-годишна возраст, Михаил одлучил дека сака да биде бербер и го направил првиот чекор во овој потценет, но креативен занает. За само неколку месеци успеал да ја доведе својата вештина на високо ниво и почнал да работи со клиенти. Ставајќи го берберскиот занает како приоритет, тој се запишува во Средното угостителско училиште „Лазар Танев“, со цел да посетува настава само во прва смена и да има повеќе време за да се занимава со она што навистина го сака.

Првата шанса за вистинска работа ја добил во берберскиот салон „Si-cho“ во скопско Дебар Маало, еден од најпрометните салони во центарот на главниот град.

Иако сѐ уште малолетен, Михаил веќе го чекори патот кон успехот и има стекнато драгоцено искуство не само од работа со клиенти, туку и од бројните натпревари на кои има учествувано. Тој не бара изговори, туку знаење. Затоа и редовно посетува светски саеми за убавина, козметика и фризерство, со цел да ја усоврши својата вештина и да биде во тек со светските трендови.

Денес само 4 години откако започна да го изучува берберскиот занает, Михаил ја доби шансата да учествува во регионалното првенство за бербери, козметичари и фризери Open Cup Serbia 2026. Михаил е најмлад македонски учесник, меѓу другите учесници од нашата земја. Се работи за натпревар во кој учествуваат претставници од целиот Балкан, кој ќе се одржи во хотелот Наис во Ниш, Србија, од 27 до 1 март.

Понекогаш, младите се оние кои нѐ инспирираат да посегнеме кон нешто повеќе и да го следиме својот сон. Михаил е токму таков пример, кој покажува дека годините не само што не се пречка, туку понекогаш можат да бидат и предност за трасирање на патот кон успехот. На Михаил му посакуваме многу среќа во кариерата и се надеваме дека на Open Cup Serbia ќе ја претстави нашата земја во најдобро светло.

Translate »