Пакомак доби признание од фестивалот „Војдан Чернодрински“ за континуирана поддршка
Пакомак доби признание за својата континуирана поддршка и значајниот придонес кон успешната реализација на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Како дел од партнерството, оваа година компанијата донираше 200.000 денари и обезбеди инфраструктура за селективно одложување на отпад за време на фестивалските денови, поттикнувајќи одговорно управување со отпадот и унапредување на еколошката свест кај посетителите. Ова признание уште еднаш ја потврдува улогата на Пакомак како посветен поддржувач на културата и двигател на одржливи практики во рамки на значајни општествени и културни настани.
„Драго ни е што четврта година по ред сме дел од фестивалот „Војдан Чернодрински“ – културна институција која со децении ја слави уметноста, а денес сè поуспешно ги промовира и вредностите на одржливото живеење. Преку поставување систем за селективно одложување на отпадот за време на фестивалот, придонесуваме кон создавање на одговорна фестивалска култура и поттикнување на еколошката свест кај посетителите. Кога уметноста и грижата за животната средина се обединети околу иста цел, се создаваат позитивни промени што оставаат траен белег во општеството. Пакомак и понатаму ќе биде партнер на иницијативи кои покажуваат дека културниот развој и одржливата иднина одат рака под рака“, изјавија од Пакомак.
МТФ „Војдан Чернодрински“, основан во 1965 година, е меѓу најзначајните културни манифестации во земјата. Традиционално се одржува во Прилеп и ги обединува најдобрите драмски остварувања од македонската театарска сцена. Фестивалот заврши со свечено доделување на наградите за најдобрите претстави, режисерски и актерски достигнувања, заокружувајќи уште едно успешно и инспиративно издание посветено на македонската уметност.
Поддржувајќи вакви значајни настани, Пакомак уште еднаш ја потврдува својата заложба за развој на културата и промоција на одржливи вредности. Затоа што вистинскиот напредок се создава тогаш кога грижата за животната средина и поддршката на културата чекорат заедно, оставајќи позитивна трага за идните генерации.

