Зошто е важна селекцијата на пластиката
Селективно одложување на пластиката, мал чин со голема вредност. Како европските правила и системот на Пакомак го трасираат патот кон помалку отпад и повеќе рециклирање
Пластичната амбалажа е вредна суровина што може повторно да се користи, но само ако правилно се одвои од останатиот отпад. Секое пластично шише или пакување што ќе заврши во посебен контејнер, наместо во општиот отпад, добива шанса за нов живот. Затоа селективното одложување е најдиректниот придонес што секој од нас може да го даде за почиста животна средина.
Што прават европските земји
Европската Унија ја затегнува регулативата за прекуграничен превоз на отпад, која стапи во сила во мај 2024 година. Целта е отпадот создаден во ЕУ да не предизвикува загадување и здравствени ризици во други земји. Од неодамна компаниите од Унијата не смеат да испраќаат пластичен отпад во Македонија, а од мај 2027 година посебни ограничувања ќе важат и за другите видови отпад што ЕУ ги извезува во земји надвор од ОЕЦД.
Пораката од Брисел е јасна: секоја земја треба да го решава својот отпад одговорно, со сопствени капацитети и со селекција на самиот извор, во домаќинствата и во компаниите. Токму така функционираат и најуспешните европски системи.
Пакомак: систем што веќе работи по европски пример
Македонија не започнува од нула. Пакомак повеќе од 15 години гради систем за селекција, собирање и управување со амбалажен отпад. Компанијата по 15-ти пат ги исполни националните цели на Министерството за животна средина, а според извршниот директор Филип Ивановски, преку системот на Пакомак се селектира над 65% од амбалажниот отпад. Системот се развива по примерот на западноевропските земји, а наскоро се очекува и нов погон за секундарно селектирање на отпадот од пакувања, првиот од ваков тип и големина на Балканот.
Пакомак им нуди на граѓаните едноставни решенија блиску до домот: контејнери за селекција во населбите и во поголемите маркети; повратни вендинг машини, каде за вратените пластични шишиња и лименки граѓаните добиваат „зелени“ поени; постојана едукација за создавање еко навики кај сите возрасти.
Потребата е многу поголема од тековниот капацитет: потребни се значително повеќе контејнери и повратни вендинг машини (ПВМ) за да селекцијата стане достапна за секого. Сегашната мрежа е максимумот што Пакомак можеше да го постигне со финансиските можности што му се на располагање, а нејзиното натамошно проширување зависи од поддршката на сите чинители.
Како правилно да ја одложуваме пластиката
Правилното селектирање е лесно кога ќе ги запомниме неколкуте чекори:
- Пластичната амбалажа и лименките фрлајте ги во посебниот контејнер на Пакомак за пластика, а не во контејнерот за мешан отпад. Тука спаѓаат и шишињата од детергенти, омекнувачи, оцет и масло.
- Хартијата оди во сините контејнери, а стаклото во зелените, за да не се мешаат материјалите.
- Испразнете ја амбалажата од остатоци пред да ја фрлите.
- Бидете внимателни со мешаните материјали: не секоја пластика се селектира на ист начин.
Европските правила нѐ мотивираат да градиме сопствен, одговорен систем, а Пакомак веќе ја има инфраструктурата, искуството и резултатите. Она што недостасува сме ние: навиката секое пластично пакување да заврши на вистинското место. Селектирајте денес, за да имаме што да рециклираме утре.

