Девет години затвор е пресудата за прво обвинетиот за милионскиот грабеж на Тутунска банка
На девет години и два месеци затвор е осуден Бобан Смилевски, првообвинет за милионскиот грабеж во Тутунска банка.
Неговиот брат Горан Смилевски, кој како и Бобан се товареше за тешка кражба и затајување, е осуден на шест години и шест месеци. Борис Мичевски кој според обвинителниот акт наводно ги превезол украдените пари, доби казна од пет години и два месеци.
Пресудата денеска беше соопштена во Кривичниот суд, а според неа четвртообвинетиот во овој случај, Мирослав Каевски, вработен како трезорист во Тутунска банка, доби условна казна затвор од две години.
Судијата Дарко Тодоровски образложи дека пресудата ја донел врз основа на признанието на обвинетите, а висината на казните ја образложи со фактот дека обвинетите не откриле каде се украдените пари.
Со пресудата тројцата првообвинети се задолжени и во рок од една година на правосилноста на пресудата солидарно да ја надоместат штетата на Тутунска банка. До правосилност на пресудата обвинетите остануваат во притвор, бидејќи судијата Тодоровски ги одби барањата на адвокатите обвинетите да се бранат или од слобода или да бидат во куќен притвор.Првообвинетиот за грабежот во НЛБ банка, трезористот Бобан Смилевски, во завршните зборови ја призна вината и рече дека парите ги украл оти бил во долгови и тој и семејството биле под закани. Им се извини на останатите инволвирани во грабежот и нивните казни ги побара за себе.
Макфакс.мк