МРТ:Ние должиме многу, ама и нам ни должат
Македонската радиотелевизија (МРТ) попладнево испрати соопштение во кое ги наведе своите долгови кон различни доверители, кои изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од долгот на Управата за јавни приходи (УЈП) кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.
Во соопштението се вели дека од назначувањето на сегашниот менаџмент во март 2012 година, МРТ платила стари обврски, направени пред тој датум, во висина од 13,2 милиони евра.
„И покрај плаќањето на волку голема сума на средства МРТ поради лошиот систем на финансирање и системско нерешавање на овој проблем има сè уште голем долг кој е создаван во изминатите 25 години. Во структурата на актуелниот долг во најголем дел влегуваат Париски и Лондонски клуб на доверители, УЈП, Аеродроми на Македонија, ТСЕ, ЕЛЕМ“, стои во соопштението.
Обврската кон доверителите од Париски и од Лондонски клуб била преземена од 1998 година и таа сега изнесува 3,034 милиони евра.
Во поглед на долгот кон УЈП, кој изнесува 3,1 милиони евра, од МРТ велат дека во поголем дел станува збор за неплатен данок на добивка и ДДВ, а дел од долгот била преземена обврска од 2006 година.
На ЕЛЕМ, МРТ му должи 7,8 милиони евра, за периодот до 31 октомври 2010 година.
Во поглед на долгот и проблемите со Европската радиодифузна унија (ЕБУ), МРТ сега должи малку повеќе од еден милион евра, но според соопштението, била одржана средба меѓу двете тела при што било решено да се укинат сите санкции за МРТ и сите услуги на ЕБУ се сега достапни на македонскиот јавен радиодифузер.
Според образложението од националната куќа, долгот во 2012 година изнесувал 3,165 милиони евра, а од 1 март 2012 година до 26 октомври годинава на Европската радиодифузна унија и биле платени 6,146 милиони евра. Од моменталниот долг од милион и 27 илјади евра, 434.032 евра се доспеани обврски за откупени спортски права и тоа: ФИФА Светски фудбалски куп 2018, УЕФА Европски квалификации 2016-2018, Атлетика ИААЕФ 2017 и други настани.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека од почеток на политичката криза досега УЈП по основ на радиодифузна такса има наплатено помалку средства од претходните години во висина повеќе од 200 милиони денари. Имено, Македонската радио телевизија по основ на радиодифузна такса има побарувања од УЈП во висина 33,947 милиони евра. Нагласуваме, доколку овие средства биле навремено наплатени од УЈП, ЈРП МРТ би било во можност да ги сервисира преземените и доспеаните тековни обврски и истовремено јавниот сервис би бил во можност да располага со средства за реализација на нови програмски содржини“, се вели во соопштението.