Управувањето со отпад е само мал, но сепак многу важен дел, од грижата за животната средина
Стаклото е еден од најделикатните материјали за рециклирање. Од огромна важност е тоа да не заврши на депониите и покрај патиштата, туку во соодветните контејнери и потоа во рециклажните погони, каде ќе биде преработено и подготвено за повторна употреба. Сепак, во нашата земја количините на собрано стакло за рециклажа се далеку под нивото пропишано од ЕУ, иако интересот за рециклирање во последните години постојано расте.
Со цел подобрување на отпадната инфраструктура и зголемување на бројот на садови за одложување на стакло, Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) го започна проектот „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“, во партнерство со Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и компанијата Пакомак. Проектот предвидува поставување на поголем број на контејнери за одложување на стакло во повеќе општини од земјата, а истовремено истиот се спроведува и во Србија и БиХ. Во продолжение, дел од засегнатите страни ќе се обидат подобро да ни го објаснат проектот и ќе ни ги презентираат нивните цели.
Што се очекува да придонесе овој проект за пилот-општините кои добија нови контејнери за стакло? Кои се целите кои сакате да ги видите исполнети по завршувањето на проектот?
Според претставникот на ЗЕЛС: Душица Перишиќ, извршен директор на ЗЕЛС
-„Количината на собрана амбалажа од рециклирано стакло во регионот, но и во нашата земја, сè уште е далеку под нивото пропишано од Европската унија, каде членките на ЕУ рециклираат 70% стаклена амбалажа годишно. Од таму произлезе потребата за реализација на еден ваков проект што го поддржавме да се спроведува и во нашата земја и тоа во пет општини и во градот Скопје.
Една од надлежностите на општините, всушност е грижата за собирање на комуналниот отпад. Морам да потенцирам дека единиците на локална самоуправа и досега превземале активности во насока на обезбедување на специјални контејнери за селекција на хартија, пластика, но и на стакло. Затоа секое подобрување на комуналната инфраструктурата, а особено инфраструктурата за селекција на стаклото е добредојдена за секоја општина и за градот.
Во рамките на Проектот, 122 контејнери за селекција на стаклен отпад доби Град Скопје: 60 контејнери доби општина Штип; Тетово доби 45; Битола -40; Илинден -28 и Гевгелија -25 контејнери, или вкупно беа обезбедени 320 зелени контејнери. Со тоа општините ќе им овозможат на граѓаните во непосредна близина на своето живеење да имаат специјални контејнери во кои ќе може да ја депонираат претходно селектираната стаклена амбалажа што ја имаат во домовите. Некои граѓани ќе имаат ваков контејнер во непосредна близина на својот дом, некои можеби малку подалеку, но тоа не би требало да е некој проблем бидејќи сите ќе имаат каде да го депонираат овој отпад. Во рамките на Проектот ќе им помогнеме на општините да преземат дополнителни активности за да го информираат своето население и да влијаат на подигањето на свеста за потребата за селекција на отпадот од стакло. Целта ни е навиката за селекција на отпадот да претставува дел од културата на живеење на секој жител во секоја општина и во градот Скопје.
Сите цели што треба да се постигнат се утврдени во самиот Проект. Поставувањето на соодветна инфраструктура на контејнери веќе го реализиравме. Следи кампања за подигање на свеста за рециклажа на стакло, која делумно започна и ќе понатаму ќе продолжи поинтензивно. Тоа треба да продуцира зголемување од најмалку 20% на собрано стакло во овие општини, во однос на 2019 година. Крајната придобивка треба да биде воспоставување на соодветни бизнис модели за општините: урбан, рурален и ХОРЕКА што ќе претставуваат урнек за успешно управување со отпад од стакло и за другите општини. Она што сакаме да го видиме по завршување на проектот е имплементирање на овие модели од се поголем број општини, но и високо развиена свест кај населението за рециклирање на стаклената амбалажа, која во современиот свет се помалку претставува отпад, а се повеќе значајна суровина.
Како еден од носителите на овој проект, која е пораката која сакате да ја испратиме, и што беше мотивот да поддржите еден ваков проект?
Н.Е. Анке Холштајн, Амбасадорка на Сојузна Република Германија во Скопје
“Управувањето со отпад е само мал, но сепак многу важен дел, од грижата за животната средина. На фрлениот отпад му треба доста долго време да се распадне. Затоа, граѓаните на оваа прекрасна земја треба да станат многу посвесни за нивната одговорност кон земјата: тие треба да ја зачуваат за своите деца и внуци. Никој друг не може да го стори тоа наместо нив. Секој мора да придонесе. На пример, никогаш да не се фрлаат отпадоци во природа. Германија и германската соработка за развој се подготвени да помогнат – како што е и случајот со овој одличен проект за рециклирање на стакло. Но сепак, главната улога треба да ја играат граѓаните. Покажете како се грижите за вашата земја со тоа што ќе ја зачувате и нема да фрлате отпадоци”
Општина Илинден беше една од првите на Балканот кои беа опфатени во овој проект. Како се одвива процесот на селектирање и рециклирање откако беше зголемен бројот на контејнери во општината? Дали добивањето на нови контејнери предизвика некаква промена во однесувањето на локалните жители?
Г. Жика Стојановски градоначалник на Илинден: Општина Илинден со задоволство се приклучи на овој Проект. Обезбедувањето на инфраструктура за селектирање на отпадот претставува еден од приоритетите и на нашето јавно комунално претпријатие „Илинден“ и веќе имаме десет „острови за селектирање“ на кои на едно место се поставени контејнерите за селекција на пластика, на хартија и на стакло. Островите се во близина на позначајни сообраќајници во општината, со цел населението да има полесен пристап до нив.
Заедно со новите контејнери сега имаме вкупно 38 контејнери за селекција на стаклена амбалажа. Изработивме и информативни флаери што ги дистрибуиравме меѓу населението. Сето тоа навистина дава позитивни резултати, особено што нашето население и во претходниот период имаше создадено навика за селектирање на комуналниот отпад. Општината организираше одредени активности за подигање на свеста кај населението, но и кај децата од градинките и училиштата. Посочувавме дека пластиката, а особено хартијата и стаклото треба да се селектираат бидејќи тие може да се искористат повторно како суровина и дека на тој начин сите ќе имаме почиста животна средина, ќе немаме раскршени шишиња кои освен што може да предизвикаат сериозни повреди се и опасност за евентуални пожари и слично. Придобивки има директно и за општината: останува повеќе простор во контејнерите за комунален отпад, се намалува тежината, а тоа значи намалени трошоци за општината при предавањето на комуналниот отпад на депонијата “Дрисла’, како и заштеда на средства за расчистување на диви депонии. Па тие средства ги пренаменуваме во набавка на опрема и возила за подобрување на комуналните услуги.
3. Како градоначалник како би ја оцениле еколошката свест во вашата општина Битола, но уште повеќе како жител на градот? Се грижат ли вашите сограѓани доволно за животната средина и за рециклирање на отпадот?
Наташа Петровска, градоначалник на Битола: Кај нас во општината секогаш велиме дека можеме повеќе и подобро. Во таа насока би одговорила и на ова прашање. Голем процент од нашите граѓани навистина имаат развиено висока свест за селектирањето на отпадот, но ние како општина и преку нашето комунално претпријатие во континуитет се трудиме да допреме до секој поединец, селектирањето на отпад да стане наша секојдневна навика. Гледам дека тоа и се случува, расте свеста за чиста животна средина, за селекција на отпад, за чисто место за живеење. Општината покрена низа кампањи во оваа насока, во континуитет ја подобруваме услугата, а со новите контејнери ни се подобри инфраструктурата во делот на селекцијата на стакло.
Јас лично ги сметам граѓаните за најважните партнери на општината во секој проект, па и во овој. Очекувам дека ќе обезбедиме 20% зголемува на собраната количина на стаклена амбалажа и дека ќе бидеме пример за други општини во земјата и во регионот. Со поддршка на ЗЕЛС и на ГИЗ во рамките на овој Проект ќе реализираме активности за да ја подигаме свеста на населението на уште повисоко ниво за потребата од селекција на отпадот. Од најмладите до највозрасните треба да сме свесни дека стаклото не е обичен отпад, туку скапоцена суровина и стаклената амбалажа и да ја ставаме на вистинското место, во поставените зелени контејнери.
Како беше прифатена инволвираноста на граѓаните на Штип во овој проект? Дали во иднина тие може да очекуваат и надградување на инфраструктурата, независно од проектот?
Сашко Николов, градоначалник на Штип: Улогата на локалната власт е да обезбеди адекватни услуги за населението и да им обезбеди поквалитетни услови за живеење. Во тој контекст секоја општина се соочува со ограничени финансиски ресурси преку кои треба да обезбеди квалитетно живеење не само во делот на комуналната чистота, туку и во образованието, во урбанизмот, заштитата на животна средина, улици, канализација и слично. Па во таа насока, секоја можност што ќе ни се укаже за да ги подобриме тие услуги, за нас а, индиректно и за нашето население претставува чекор напред во постигнувањето на подобар квалитет.
Шеесетте контејнери што ги добивме од Проектот за рециклажа на стакло, заедно со претходно набавените 30 од страна на општината засега ќе ги задоволат потребите за селектирање и депонирање на отпадот од стакло. Целта е да создадеме мрежа од оптимален број на ѕвона контејнери што ќе им бидат лесно достапни на граѓаните, односно ќе се наоѓаат во нивното непосредно место на живеење. Штип како град со голем број индустриски објекти, со повеќе од 50.000 жители, универзитетски град и град во кој има голем број на кафетерии и ресторани сметаме дека создава голема количина на стаклена амбалажа.
Всушност овие контејнери ќе ни помогне да отидеме чекор напред во подготовките за селекција на тврдиот од мекиот отпад, што ќе треба да го депонираме по воспоставувањето на регионалната депонија, чии активности веќе се започнати. Очекувам сите граѓани во општината, во што поголем број да ја подобрат навиката за селектирање на стаклената амбалажа, но и на останатите видови на цврст отпад, како хартијата, пластиката и слично. Тоа ќе доведе до намалување на предадениот отпад во депонијата и помали трошоци за општината и за граѓаните.