Луксуз и култура за сопругите и сопрузите на светските лидери
Денес почнува 24-часовната безбедносна опсада на Брисел.
Првата посета на Доналд Трамп во Брисел ја натера белгиската полиција и војска да се распоредат речиси низ целиот град.
На белгиската полиција на помош и дојдоа и соседите. Холандија и Луксембург испратија нивна полиција да им помогне на белгиските колеги.
Но причината за оваа мобилизација не е само Трамп. Не, не станува збор за балканските премиери и нашиот мандатар Зоран Заев кои исто така денес доаѓаат во Брисел. Причина е и самитот на НАТО. Што значи дека денес во Брисел ќе дојдат шефови на држави и влади од 29 земји.
Забранет митингот на Ердоган
Помеѓу кои и Турчинот Реџеп Таип Ердоган.
Патем, бриселските власти му забранија на Ердоган да одржи митинг во центарот на градот. И со тоа заслужија неколку “љубезни” зборови од турскиот претседател. Ердоган луто му порача на бриселскиот градоначалник да ги исчисти улиците на градот наместо да забранува митинзи.
Ердоган и бриселскиот градоначалник Иван Мајер
Градоначалникот Иван Мајер ја донесе оваа одлука откако имаше немири кај белго-турската заедница за време на кампањата за референдумот во Турција во април. Според Мајер, со оглед на високиот степен на терористичка закана и мерките за обезбедување на лидерите кои доаѓаат во Брисел, обезбедувањето на турски митинг е практично невозможна мисија.
И додека белго-холандско-луксембуршката полиција имаат преполни раце работа овие два дена, истовремено се одржува и протест против Трамп на иницијатива на платформата наречена “Трамп не си добредојден”. Тие протестираат против политиките на Трамп кон имиграцијата и климатските промени.
Белгиски луксуз и култура за сопрузите и сопругите
Во време кога лидерите ќе ја решаваат судбината на САД и Европа и свечено ќе ја отвараат новата зграда на НАТО, нивните сопруги и сопрузи имаат посебна програма. На која на високо место фигурираат луксузот и културата.
Тука се Меланија Трамп, Брижит Макрон, сопругите на Ердоган, на шефот на НАТО, сопрузите на Ангела Меркел но и Готие Дестене, сопругот на лускембуршкиот премиер Ксавиер Бетел кој не крие дека е хомосексуалец. Сите нив ќе ги пречека и води партнерката на белгискиот премиер.
Нивната програма предвидува посета на музејот на најпознатиот надреалистички белгиски сликар Рене Магрит а потоа посета на ателјето на познатата белгиска куќа за кожни производи “Делво” чии што ташни се надалеку познати и скапи. И најверојатно ќе си купат ташна или сувенир. На крајот е планирана вечера со кралицата Матилда.
Меланија утре ќе ги посети болните деца во Универзитетската детска болница “Кралица Фабиола”.
Белгиските власти работат деноноќно но и држат среќа за да не се случи било каков несакан инцидент. Па и ние им посакуваме среќа.
Превземено:Novatv.mk