Еден ја призна вината за насилствата во о. Центар, Груевски и Јанакиевски се изјаснија за невини.

Томислав Лазаров, како обвинет во случајот за Насилствата во општина Центар, ја призна вината и рече дека од оваа временска дистанца, длабоко се кае.

Лазаров беше тогашен координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, кој е првообвинет во предметот „Насилство во Центар“ на денешната главна расправа во Кривичниот суд се изјасни како невин по обвиненијата што против него ги поднесе СЈО.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, исто така, се изјасни за невин, објаснувајќи дека ниту нешто сторил, ниту за нешто се чувствува виновен.

Вина не чувствува ни пратеничката Даниела Рангелова која во време на настаните беше советничка во Општина Центар.

Главната расправа продолжува со изјаснување на другите обвинети. Вкупно во овој случај се обвинети 14 лица.

На почетокот на судењето седмообвинетиот Димче Крстев побара одложување на судењето затоа што не се чувствувал добро. Тој утрово беше стражарно приведен затоа што отсуствувал на минатото рочиште.

Судијката Михајлова го ослободи Крстев од денешното судење и на барање на обвинителката Фатиме Фетаи ја издвои постапката за него, со цел денеска да започне главната расправа, по што Крстев си замина од судницата.

На барањето за раздвојување на предметот се противеше одбраната на обвинетите и побара одлагање на судењето, но судијката не го прифати.

На денешната главна расправа присуствуваат и Андреј Жерновски и Саша Богдановиќ како оштетени лица во овој случај.

Поранешниот премиер Груевски е обвинет од СЈО за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Овој случај  се однесува на протестите во оваа општина против, како што велеа тогаш демонстрантите, рушење на црквата Свети Константин и Елена. Протестите резултираа со демолирање на општинската барака, упад на демонстранти во седница на советот и упатување закани кон советниците.

Според објавената прислушуван разговор што го објави Зоран Заев, протестите биле во организација на ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски побарал еден од демонстрантите да му удри шамар на градоначалникот, Андреј Жерновски.

Превземено од Novatv.mk

Translate »