ФФМ ги прогласи најдобрите во македонскиот фудбал за 2016/17
Фудбалската федерација на Македонија официјално ги прогласи најдобрите за фудбалската сезона 2016/17, а признанија добија оние кои покажаа најмногу во клубовите и репрезентациите.
Признанието за најдобар фудбалер го доби Стефан Спировски кој по настапите за Вардар се пресели во Ференцварош и поради клупски обврски не можеше да присуствува на церемонијата, но со помош на модерните технологии се заблагодари за наградата пред присутните во салата.
Енис Барди е прогласен за надобар интернационалец, додека Елиф Елмас очекувано е најдобар млад фудбалер. Признанието за најдобар тренер го доби Гоце Седлоски кој со Вардар ја освои третата титула, додека најдобра фудбалерка е Илза Максути.
Фер плеј признанието му припадна на Работнички, најдобар судија е Александар Ставрев, а најдобар футсал играч е Александар Глигоров.
2017 година ќе биде запаметена по голем број успеси, пред се на нашите репрезентации, а тоа го истакна и претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
– За првпат се чувствувам добро на сцената и сум среќен, а причина се успесите кои ги имаа нашите репрезентации во 2017 година. Имавме пласман на Европското првенство за играчи до 21 година, сениорите цела година имаа само еден пораз и се на добра позиција на фамозната ФИФА ранг листа, бевме организатори на најспектакуларниот настан во независна Македонија (УЕФА Супер куп 2017), а најмногу ме радуваат успесите на У17 и У19 репрезентациите кои се наша иднина, – истакна Ѓорѓиоски.
фото гол.мк