Груевски го советувале 86 луѓе, а Заев тројца

loading...

Премиерот Зоран Заев го советуваат тројца кабинетски советници, додека Никола Груевски го советувале дури 86 луѓе, соопшти денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски овој одговор следи по обвинувањата на опозицијата дека новата Влада вработува голем број партиски луѓе.

Манчевски информира дека за два месеца новата Влада вработила вкупно 96 лица, бројка која се однесува на сите институции. Една третина од нив или 32 се советници на министрите.

– На централно ниво од страна на Владата се ангажирани вкупно 26 лица. Во оваа бројка се вклучени советниците на премиерот, кабинетските службеници на министрите без ресор лицата ангажирани за односи со јавност – информира Манчевски.

Министерот појасни и дека според законот секој министер може да вработи шест советници и тоа 3 советници кои доаѓаат од администрацијата и кои остануваат да работат по мандатот и 3 надворешни посебни кабинетски советници.

– Дел од министрите се уште не пројавиле интерес да вработат нови лица како советници, но не се исклучува можноста да го искористат законското право – додаде Манчевски.

Манчевски, како што рече, ја искористил законската можност од ангажман на шест советници. Немал можност да ги праша поранешните советници поставени од внатре, оти кога дошол на функцијата тие биле веќе прераспределени.

– Во овој период пак, единиците на локална самоуправа во кои градоначалници се од ВМРО-ДПМНЕ, вработиле 300 лица што јасно зборува за тоа кој ја партизира администрацијата – рече Манчевски.

Тој информира дека во периодот од распишување на изборите до назначување на новата Влада, претходната Влада незаконски вработила 7.708 лица од кои 3.033 лица се вработени со договор на дело авторски договор или волонтирање.

Манчевски соопшти дека е во тек изработка на функционална анализа на администрацијата по која ќе следува прераспределување на административците, нивна понуда на приватниот бизнис, но како што рече, нема да има отпуштање од работа на ниту еден административец и нема да им се врши притисок да се определат за двосменско работење или префрлање во приватен бизнис.

Министерот вети ангажман на сите административци вработени по рамковен, а кои седат дома.

– Тоа и востановувањето на двосменско работење во делови од институциите ќе бидат првите преземени активности, бидејќи за овие вработувања притиска јавноста – рече Манчевски.

 

Translate »