Илија Димовски и Антонијо Милошоски не одат во Валандово

Пратениците Илија Димовски и Антонијо Милошоски нема да одат во Валандово. На останатите делегати – потписници на иницијативата им порачуваат самите да одлучат како ќе постапат.

Димовски за Телма вели дека овој Конгрес не ги исполнува демократските стандарди, но најавува дека ќе продолжи гласно да го кажува своето мислење, дури и кога е различно од партискиот став.

На синоќешната седница на Централниот комитет, воопшто не се разговарало за Иницијативата на 50-тина истакнати членови за одлагање на Конгресот и за назначување колективно претседателство. Пред членовите бил презентиран извештајот на Правната комисија, според кој, единствен кандидат за претседател е генералниот секретар Христијан Мицкоски. Кандидатурата на анонимниот Благој Митрев од Скопје била непотполна бидејќи немало потписи од 30 делегати. Мицкоски изрази очекување Конгресот да помине во демократска атмосфера.

За успешност на Конгресот, потребно е да присуствуваат две третини од сите 544 делегати. Попладнево од 17 до 19 часот присутните прво ќе се регистрираат, по што вонредниот 16-ти Конгрес ќе почне со работа. Гласањето за избор на новиот лидер се очекува утре./Telma

Фото:sdk.mk

Translate »