Новиот кум го презеде пехарот во Соборниот храм
Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ им ги честитаа празниците на граѓаните и присутните пред храмот. Пред присутните се обрати стариот кум Радко Манов.
„Да бидеш кум е најубавиот период во мојот живот. Изминатата година ја поминав со најблиските и соработниците. Оваа прилика ја користам да ве поздравам да ви посакам многу љубов, здравје и среќа”, рече Манов.
Тој му го предаде пехарот на Шилегов, а тој на новиот кум, Влатко Огненовски.
Влатко Огненовски е уметник во кујна. Пропатувал низ многу национални кујни низ светот, а своето знаење го пренесе во готвачот насловен „Модерна македонска кујна“. Книгата со 100 рецепти содржи инвентивни и нови техники на готвење и сè е базирано врз нашата национална кујна. Ќе биде пласирана и меѓу нашинците во светот, а ќе се преведе и на англиски.
Работел во Фиренца, Италија во престижен ресторан, но бидејќи не го знаел доволно италијанскиот јазик го ангажирале како мијач на садови. Опиен од прекрасните мириси на кујната и јадењата на мајсторите на кулинарството почнал со свои експерименти готвејќи во својот дом со продукти што ги имал при рака.
Носител е на кампањата за едукација за здрава храна „Шпајзот на Македонија“.