Заев и Ципрас во Давос- Ќе се менува името на автопатот и аеродромот

Преименувањето на автопатот “Александар Македонски” во “Пријателство”, ќе биде првиот чекор кој ќе го преземе македонската влада со цел да покаже добра волја кон соседна Грција во рамките на преговорите да се најде решение во деценискиот спор за името. Премиерот Зоран Заев по средбата со грчкиот колега Алексис Ципрас во Давос, најави дека ќе се смени и името на аеродромот во Скопје.

„Владата ќе го промени името на аеродромот и на автопатот. Автопатот ќе се вика „Пријателство“. Нашите активности ја покажуваат нашата добра волја. Тоа сведочи за фактот дека немаме никакви територијални претензии. Тие (Грција) ќе покажат добра волја и ќе ни дозволат да ја зголемиме соработката со ЕУ и со други меѓународни организации“, рече Заев.

Од грчка страна, Ципрас најави дека ќе одговори со поддршка за приклучување на Македонија кон Јадранско-јонската иницијатива, олеснување на пристапот до фондовите на ЕУ и зголемување на билатералната соработка. Дополнително, ќе се развива билатералната соработка во областа на енергетиката и економијата, а Ципрас најави и отворање на граничниот премин во Преспа.

Ќе ја поддржиме кандидатурата на вашата земја за приклучување кон Јадранско-јонската иницијатива и ратификација на вториот дел од договорот за придружување кон ЕУ во грчкиот парламент“, рече Ципрас.

Во однос на спорот за името, двајцата премиери изразија оптимизам дека решение може да се најде. Според Ципрас, единствено можно решение е „ерга омнес“.

„Крајното решение мора да биде прифатливо за двете страни. Решението мора да биде во насока на заштита на дигнитетот и идентитетот на нашите народи“, рече Заев.
Двајцата премиери рекоа дека воделе отворени и искрени разговори кои отвориле нови можности за иднината. Ова беше прва средба на премиерите на Македонија и Грција по пауза од седум години.

Translate »