Бутарис: Грција да размисли за преименување на солунскиот аеродром,,Македонија”
Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“.
– Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам, да рзмислиме за тоа бидејќи името „Македонија“ „го подели светот, не подели нас“ и од тоа сите губиме – рече Бутарис во изјава за грчката ТВ Скај.
Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните. Како дополнителна причина за преименување на аеродромот, истакнува солунскиот градоначалник, е тоа што туристите кога слетуваат Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.
Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и се поголемото турско влијание во регионот.
Оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.
– Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО – изјави Бутарис.