Ѕанакопулос: Топката е на теренот на соседната земја
Топката во овој момент е на теренот на нашите соседи, кои ќе треба и во пракса да покажат дека е промената реториката на владата што може да одведе до опипливи резултати во односите на двете земји, вели портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос за грчкото радио Алфа 989.
Во врска со различните позиции на Скопје и Атина, во однос на промената на македонскиот Устав, нешто што грчкиот премиер Алексис Ципрас го спомена како предуслов, а македонскиот премиер Зоран Заев отфрли можност за измени, Димитрис Ѕанакопулос рече дека тоа е предмет на преговорите и уште еднаш ги повтори грчките позиции.
– Многу добро знаете дека едно заемно прифатливо решение, токму за да биде заемно, потребни се двајца. Потребни се и двете страни. Во оваа смисла ние многу јасно ги имаме кажано нашите позиции. Говориме за сложено име, кое ќе важи за сите и ќе биде за севкупна употреба. Тоа значи дека не може да биде поинаку од промена на уставното име на соседот и ова, сметаме дека е рамката во која би можело да се најде токму ова заемно прифатливо решение – рече Ѕанакопулос.