Фото: Дојран град кој опстојува од 5 век п.н.е.

Последниве години Дојран го враќа стариот сјај. Пријатната медитеранска клима се уште е примамлива за многу Македонци кои го обожаваат и редовно го посетуваат. Чист воздух, вегетација, природни знаменитости, култура, историја која се чувствува на секој чекор. Место каде може да се јаде убава риба, каде може да се ужива.   Дојран е наш, и треба да се грижиме за него! Уште многу треба да се  направи, за да го зачуваме за идните генерации.

Интересен е податокот дека е град со долга традиција, кој постои од 5 век п.н.е., кој имал над 30.000 жители уште во XVII – от век, како ретко кое друго место во Македонија во тоа време. Град каде се мешале различни култури, кој бил еден од културните центри во Македонија во XVII – от век.

Во 5 век п.н.е. долината на Празијас (сегашното Дојранско Езеро) ја населувале Пајонци. Тие живееле на брегот на езерото, во дрвени колиби заградени со трска и поставени на скелиња кои се потпирале на долги дрвени колци. Со копното ги поврзувале единствено чамците со кои управувале многу вешто заради што најчесто и обидите на освојувачите (Персијците) биле безуспешни.

Својот развој градот доживува во втората половина на XV – от век, кога Дојран бил нахија – центар на неколку селски општини. Речиси во истиот период (1519 година) или 148 години по доаѓањето на турците во Дојран, некои документи велат дека во него живееле 232 семејства. Од нив само три биле муслимански а сите останати 229 семејства биле христијански. Помасовно колонизирање на Дојран со турско население се случува во првата половина на XVII – от век. Тогаш во околината на Дојран настанале и селата во кои и денес живее исклучиво турско население: Ѓопчели, Чаушли, Севендекли, Дедели, Куртамзали, Органџали и други кои моментално се раселени. Заради блискоста и влијанието на актуелните општествени и политички процеси, Дојран бил град со амфитеатрален изглед од два дела: долен – каде што живеело месното население и горен во кој се лоцирало турското население. Градот бил изграден во стилот на Цариградската и Солунската архитектура. Имал калдрмисани улици, чиста вода за пиење каптирана од изворите над градот и спроведена до повеќе градски чешми преку канали со керамички цевки, градска бања – амам кој им служел на сите жители, мажи и жени, христијани и муслимани, три цркви и три џамии, неколку училишта (повеќе основни и една гимназија) и една заедничка саат кула. На Дојран во тоа време му припаѓале и околу 79 села при што имало околу 30 000 жители од кои над 18 000 Турци, повеќе од 9500 Македонци, околу 160 Евреи и 1000 Роми).

Против разурнатиот град во тоа време како да се свртело и езерото поплавувајќи го неговиот крајбрежен дел со се она што некогаш било кафеани, куќи, пазари и улици. Соочувајќи се со суровата реалност на својот Дојран кој не нудел буквално никакви услови за живот во него, шеесетина рибарски семејства во 1919/20 година својот копнеж за враќање на старото огниште го дотрошуваат во близина на темелите на стариот Тауријан. Тие на 4 километри од разрушениот Дојран создаваат нова населба која ја нарекуваат Нов Дојран. Но како и претходните “господари” Турците така и Кралството на СХС на овие простори населува 29 семејства српско население при што е формирана населбата Сретеново. Со тек на времето почнуваат да се враќаат семејства и во стариот град Дојран. Тогашната власт од свои причини управно – административниот живот го лоцирала во разурнатиот град. Така постепено отпочнало паралелно пулсирање на животот во Нов и во Стар Дојран. Во Втората Светска Војна Дојран повторно бил цел на желбите на соседите за конечно да биде ослободен на 5 – ти ноември 1944 година. Тоа значело квалитативно нов почеток и подеднаков и впечатлив напредок за двата Дојрана. Покрај Дојранското Езеро денеска на македонска страна постојат три населби: Нов Дојран, Стар Дојран и Николиќ во кој живеат над 4 000 жители. Населението некаде во средината на 50 – те години почнува да се занимава и со туризам. Во негова функција денес покрај дојранскиот брег постојат 40 објекти (хотели и одмаралишта) на претпријатија од целата земја, 4 комерцијални хотели, голем број на ресторани и над 600 викендици.

Translate »