Влатко Смилески, директор на Орифлеим Македонија: „Заедништвото, духот и страста за брендот, и пред сѐ за луѓето, се проткаени во сѐ што правиме.“
“Македонските жени се негувани, но и прагматични. Секогаш внимателни во изборот на козметика, лојални и со јасен фокус да го добијат најдоброто за своите пари. Сосема разбирливо, овие навики го обликуваат козметичкиот пазар во нашата земја веќе децении наназад”, вели Влатко Смилески, директор на Орифлеим Македонија. Повеќе од интервјуто во продолжение:
Каков е предизвикот да се работи во ваква реномирана козметичка шведска компанија?
– Орифлеим е без двоумење најдобрата компанија за која сум работел во својата кариера. Не само поради тоа што е меѓу најголемите компании за директна продажба во Европа, не само затоа што е меѓу топ 10 во светски рамки и не само затоа што изминатата година е една од најуспешните во историјата на компанијата.
Туку, и поради вредностите и корпоративната култура на компанијата кои се целосно имплементитрани во организацијата, од бордот и нашиот Претседател на компанијата па сѐ до Консултантот кој препорачува производи на своите блиски. Заедништвото, духот и страста за брендот, за производите, за врвната услуга и пред сѐ за луѓето, се проткаени во сѐ што правиме. Шведскиот пристап, транспарентноста, прогресивноста и отвореноста кон новите идеи и трендови – ја прават оваа компанија уникатна и целосно адаптирана на новите парадигми во бизнисот.
Го прифатив целосно овој предизвик, да се води еден интернационален успешен бизнис во државни рамки, и оттогаш немам погледнато наназад, секој нов ден е нов возбудлив предизвик кој го пречекувам со насмевка.
Иако брендот е познат и популарен кај нас сепак малку знаеме за историјатот на оваа шведска природна козметика. Ве молам раскажете ни за почетоците и развојот на компанијата…
– Ова е една убава и успешна шведска, но и светска приказна, која започнува во 1967 во мала канцеларија во Стокхолм. Двајцата браќа основачи Роберт и Јонас аф Јохник, заедно со уште еден бизнис партнер седнуваат и на неколку листови хартија ја разработуваат идејата за создавање на компанијата од нивните соништа. Компанија која би им дала на луѓето прекрасни резултати од користење на одлична козметика за нега на кожа, инспирирана од природна убавина која целиот свет ја поврзува со Шведска. Истовремено, ќе им даде на своите Консултанти можност да заработaт од препораката на производите, и со тоа ќе ги премести своите бизнис операции од големите ланци на продавници – во домовите на овие луѓе, кои се клучни партнери на Орифлеим.
50 години подоцна, ова се сѐ уште темелите на оваа компанија, од Москва до Џакарта, од Варшава до Лима, сонот на браќата аф Јохник е повеќе жив од кога било.
А нивниот претприемачки дух е олицетворен во нашите Лидери во над 60 земји во светот и нашите Консултанти кои ги има моментално над 3 милиони – бројка која се зголемува од ден на ден.
Денес сме една од најголемите светски компании за директна продажба, со јасна визија и стратегија да станеме водечка светска компанија во оваа индустрија.
Колку е лесно или тешко да и се угоди на македонската жена кога е во прашање нејзината нега и убавина? Направете ни еден краток пресек на навиките кои тие ги имаат…
– Македонските жени се негувани, но и прагматични. Секогаш внимателни во изборот на козметика, лојални и со јасен фокус да го добијат најдоброто за своите пари. Сосема разбирливо, овие навики го обликуваат козметичкиот пазар во нашата земја веќе децении наназад.
Декоративната козметика и квалитетните мириси предничат кога станува збор за учество во потрошувачката кошничка, со јасен тренд во 21 век фокусот да се преместува кон негата на кожата на лицето и убавината која доаѓа однатре. Македонската жена, но и македонскиот маж, посветува се повеќе внимание на навиките за исхрана и физичката активност.
На што сте посебно горди кога размислувате на Орифлеим и вашата работа во рамките на оваа компанија?
– На луѓето.
На основачите, членовите на глобалниот управен одбор и Претседателот на компанијата, Магнус Бранстром, и највисокиот менаџмент на регионот кому ние му припаѓаме: Централна и Јужна Европа. Сите неверојатно успешни, а истовремено и неверојатно приземни луѓе, во секој контакт со околината.
На вработените во нашата канцеларија во Скопје, и нивниот секојдневен ангажман да го дадат најдоброто од себе и да остават свој печат на оваа 22 годишна приказна наречена Орифлеим Македонија.
На нашите Лидери, луѓе кои се најдобри амбасадори на претприемачкиот дух и страста за брендот, и вистински ги имаат остварено своите соништа низ своето партнерство со Орифлеим: за финансиска независност, патувања од светска класа или пак одличен изглед и здравје.
И секако, на нашите Консултанти, без кои сето ова нема да функционира онака како што функционира. И им благодарам за тоа.
Вашите клиенти за да го одберат производот мораат да го разгледаат Каталогот и преку вашите Консултанти да го порачаат, без притоа да имаат можност да го пробаат. Како експерт како гледате на овој начин на продажба, кои се предностите, а кои недостатоците?
– Сржта на нашиот бизнис е личната препорака.
Квалитетот на производот и резултатите за крајниот потрошувач, приспособени на неговите желби и потреби, преку сведоштва од вистински луѓе за вистински ситуации – без никакви маркетингшки трикови! Секој еден од нашите 800 производи, од месец во месец е спремен за судот на потрошувачите за неговиот квалитет и придобивки. Можеби ви станува јасно до која мера веруваме во нашите производи.
Секако тука се и мострите од секаков тип и за скоро сите производи, кои стојат на располагање на потенцијалниот клиент преку нашите Независни Консултанти за Убавина. Но, ние во Орифлеим цврсто веруваме дека моќта на личната препорака од информиран Консултант е хиерархиски повисоко поместена во причините за одлука – дали нешто да се купи или не. Особено во услови на дигиталниот бум кој е во тек, на препораките и нецензурираните рецензии на производи кои се случуваат на интернет и по социјалните медиуми. Во следните години комплетно ќе се смени начинот на кој луѓето купуваат, а нашата моментална позиција и бизнис модел се целосно адаптирани и спремни за тој трансфер.
На крајот на денот, искрениот разговор за козметика помеѓу две пријателки додека минуваат низ нашиот Каталог, е секогаш попријатно и поавтентично искуство од купувањето на некој производ затоа што сте го виделе на реклама или пак на полица во локалниот супермаркет.
Покрај козметиката, Орифлеим во својата палета производи има и велнес-линија која вклучува програми за слабеење и голем избор на висококвалитетни додатоци во исхраната. Па какво е досегашното искуство со овие производи, дали одзивот ги задоволи вашите очекувања и какво е искуството на оние кои веќе ги пробале?
– Wellness by Oriflame е плод на едно цврсто и уникатно партнерство помеѓу Орифлеим и истражувачкиот медицински центар Игелоса во Лунд, Шведска. Игелоса е дом на многу врвни светски научници од областа на медицината и нутриционизмот, тим предводен од проф. Д-р. Стиг Стин, еден од водечките светски кардиоторакални хирурзи.
Во соработка директно со основачите на нашата компанија, Игелоса и Орифлеим наоѓаат низа допирни точки, најважна од кои е секако грижата за добросостојбата на своите клиенти, нивното здравје, долговечност и исполнет живот.
Палетата производи за додаток во исхраната се резултат на ова партнерство, истите се со врвен и докажан квалитет и ефекти, и се на располагање на македонскиот потрошувач преку нашиот Каталог веќе неколку години.
Протеински шејкови, плочки, супи, мултивитамини и минерали, Wellness пакувања за мажи и за жени, мултивитамини и сирупи за деца, сите овие претставуваат перфектно надополнување на нашиот концепт за комплетна убавина која доаѓа однатре и која е во центарот на нашето портфолио.
Со задоволство би споделил дека овие производи стануваат се попопуларни во нашата земја, а нивното учество во вкупните продажби се зголемува. Ова освен со веќе споменатиот тренд на здрав живот на почетокот на 21 век, е секако поткрепено и со многубројни примери на луѓе кои го подобриле квалитетот на нивното живеење имплементирајќи ги нашите совети и користејќи ги нашите производи.
На пазарот денес постои голем избор на производи со различни перформанси и цени. Кои се предностите на Орифлеим козметиката, на кој начин ја придобивате и привлекувате верната публика?
– Орифлеим е присутен на македонскиот пазар веќе 22 години, и во моментот се вбројува во најуспешните компании за директна продажба или пак козметика. Ќе се согласите со мене, да се остане релевантен по толку години присуство на еден пазар е успех сам по себе.
Низ годините Орифлеим успева во тоа, пред сѐ поради ангажманот на своите Независни Лидери и вработени, но и технолошкиот напредок и усовршување на својата понуда. Квалитетот на производите отсекогаш бил на највисоко ниво, користиме најквалитетни и природни состојки во процес на нивно создавање кој ние го водиме и контролираме, и тоа е наш препознатлив знак. Нудиме целосни и индивидуализирани решенија и едукација за изнаоѓање на сопствената убавина и здравје. Со оваа комбинација на инвестиција во луѓе, производи и едукација се заокружува успешната формула на компанијата.
Се радуваме на следните 20 години и возбудени сме да им го понудиме она што овој шведски козметички гигант ќе го подготви, на македонските клиенти во времињата што доаѓаат.