Европската комисија препорачува безусловен старт на преговорите со Македонија

Европската Комисија извештајот за напредокот на земјата што ќе биде објавен утре препорачува безусловен старт на преговорите.

Формулацијата, сепак, може да биде променета во последен момент предупредуваат извори во Брисел за МИА.

– Во светло на постигнатиот напредок, ЕК препорачува преговорите за членство да започнат со Поранешната југословенска Република Македонија. Одлучувачки ќе биде задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети. Со цел да го поддржи ова, ЕК би го применувала засилениот пристап за преговарачките поглавја во областа на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата – стои во делот на извештајот на ЕК што се однесува на нашата земја.

ЕК пишува дека Македонија во голем дел ја надмина длабоката политичка криза. Потребните структурни реформи се бавен процес за што ќе бидат потребни години и штетата направена во последните години нема да биде поправена преку ноќ.

ЕК ја поздравува работата на земјата за справување со итните реформски приоритети преку „искрена желба за реформи и објективна проценка на состојбите, проследено со подготовка за стратегиите и законодавство на кои одамна се чека и консултации со сите актери вклучително и опозицијата на инклузивен и транспарентен начин“.

-И покрај тешкотиите поради отсуството на главната опозициска партија од декември до крајот на јануари, главните стратегии и закони беа усвоени на крајот на декември/февруари и многу други се во подготовка.

ЕК во извештајот додава дека уште поважно е што политичката волја да се напредува е повторно јасно присутна.

-Позитивна промена во политичкиот менталитет се забележува во целото општество, чие отсуство беше најголема пречка во последните години – пишува ЕК за Македонија.

Извори во ЕК за МИА предупредуваат дека еврокомесарите треба уште еднаш да се сретнат пред да се финализира извештајот, утре околу еден часот во Стразбур, и дека дотогаш се уште се можни неколку промени во формулациите.

(МИА)

Translate »