Граѓаните во одбрана на Дебар Маало

 

Граѓанската иницијатива „Во Одбрана на Дебар Маало“ побара мораториум за изградба на нови објекти во скопската населба Дебар Маало. Жителите од оваа населба ја подготвија платформата „Здравјето пред профитот“, која што ќе биде доставена до сите потенцијални кандидати за градоначалници на Град Скопје и Општина Центар. Од иницијативата изготвиле над 40 барања пред почетокот на локалните избори, меѓу кои е и барањето за мораториум за изградба на нови објекти до моментот на изготвување на нов урбанистички план за населбата.

Жителите на Дебар Маало бараат од новите градоначалници да се направат ревизии на сите усвоени урбанистички планови. „Да се прекине со праксата во секој нареден ДУП да се зголемува дозволената висина на објектите во Дебар Маало. Бараме сегашните дадени 19 м. да останат максимум дозволена висина и да не се усвојува новата од 21 м. предложена во спорниот и повлечен ДУП“ велат од иницијативата „Во Одбрана на Дебар Маало“. Покрај законското и транспарентно работење на општината, од иницијативата бараат урбанистички планови што гарантираат квалитетни услови за живеење, решенија за сообраќајот и животната средина, програма за инклузивност, образование, култура и културно наследство што ќе ги одбележува локалните урбани истории и трансформации, како и одговорно и демократско финансиско работење и планирање на буџетот.

 

Translate »