Како да препознаете мозочен удар?
Мозочниот удар претставува состојба која се создава како резултат на прскање или блокирање на крвен сад во мозокот, и ако не се лекуваат, клетките во мозокот умираат.
Доколку ги забележите следниве симптоми кај некој од вашите најблиски, тогаш бидете сигурни дека се работи за срцев удар:
– Ненадејна зашеметеност или слабост на телото, особено доколку се одрази само на едната страна
– Ненадејни промени во визијата на едното или двете очи или потешкотии при голтањето
– Ненадејна остра главоболка од непозната природа
– Ненадејна вртоглавица или губење рамнотежа
– Ненадејна конфузија, потешкотии при зборувањето и разбирањето
Постојат и тестови преку кои може да се утврдат симптомите на мозочниот удар. Еден од најдобрите тестови е наречен F.A.S.T. (Face, Arms, Speech, Time).
– Лице: Побарајте човекот за кој мислите дека преживеал мозочен удар да се насмевне за да утврдите дали едната страна на лицето не се подигнува
– Раце: Проблеми со подигнување на едната од двете раце.
– Говор: Дали може да повтори едноставна реченица или нејасно кажува одредени зборови?
– Време: Доколку лицето покажува некој од овие симптоми, јавете се на доктор што побрзо можете.
Времето поминато по мозочниот удар можеби е најзначајниот фактор за тоа каква ќе биде судбината на пациентот. При недостиг на кислород на мозочните клетки тие почнуваат да умираат во истата минута. Постојат лекови кои можат да го запрат оштетувањето на клетките, но тие мораат да бидат употребени најмногу три часа по настапувањето на ударот. Кога еднаш мозочното ткиво ќе се оштети, тогаш деловите од телото кои биле контролирани од тој дел на мозокот нема да работат нормално. Ова е причината зошто мозочниот удар прави долгорочни последици.
Постојат два типа мозочен удар и тие се лекуваат на различни начини. КТ скенот им помага на докторите во дијагностицирањето на симптомите и дали тие потекнуваат од блокиран или прокрвавен крвен сад.
Исхемичниот удар е најчестиот тип на мозочен удар кој им се случува на 9 од 10 лица. Причинителот на оваа состојба е тромб кој е заглавен во крвен сад во мозокот. Тромбот може да се формира на самото место или, пак, да допатува со помош на крвотокот.
Хеморагичниот мозочен удар е резултат на ослабување на крвниот сад и распукување на истиот. Овој тип на мозочен удар не е толку чест, но во најмногу случаи е фатален бидејќи резултира со крвавење во самиот мозок, кое многу тешко може да се запре.
Најчест причинител на мозочниот удар е атеросклерозата, која претставува стврднување на артериите. На внатрешните ѕидови на артериите се насобира плак направен од калциум, масти, холестерол и други супстанци со што се намалува капацитетот на артериите и се отежнува дотокот на крвта. Овие нерамнини се совршено место за сместување на тромбовите. Оваа состојба може да резултира со исхемичен мозочен удар. Хеморагичниот удар, пак, најчесто е резултат на високиот крвен притисок, со што артериите се посклони на прскање.
Најчестите ризик фактори за мозочен удар се високиот крвен притисок, високото ниво на холестерол, дијабетесот и прекумерната тежина.