Сопственик во текстилната индустрија побарал да се избрка новинар на прес-конференција

На прашањето дали сопствениците во текстилната индустрија не се во можност да исплатуваат плати и дали затоа ќе користат дупки во законот, Сашко Станоевски, член на Управниот одбор на Кластерот, налутено побарал да се отстрани новинарот што поставил таква претпоставка, објави „Независен печат“

– Вие ништо не знаете за текстилната индустрија. Кога зборуваме за проблемите во текстилната индустрија, обично ни велат дека ние возиме џипови. Па со што да се возиме, ова е 21 век. Бизнисмените во странство имаат авиони! – извика Станоевски.

На средбата со новинарите кластерите се пожалија дека 80 проценти од вкупниот приход на текстилните компании се за плати и дека не може да најдат работници.

Состојбата во текстилната индустрија е исклучително тешка и две странски компании веќе ставија клуч на врата, велат сопствениците на текстилните компании и бараат помош од државата.

Маријана Перковска, претседателка на Кластерот за текстил рече дека не е проблем толку исплатата на минималната плата, колку што е проблем спиралата што се случила со нејзиното зголемување.

– Се зголемија и другите плати, и тоа во маса на пари е 25 до 30 проценти повеќе, но за такво нешто нема расположение кај нашите странски партнери – вели Перковска и вели дека затоа бараат помош од државата.

Translate »