Предметите кои беа познати како монтирани, паѓале кај ,,подобни,, судии

Со често менување на годишниот распоред за работа на судиите во Основниот суд Скопје 1 додека претседател бил Владимир Панчевски, а по него и в.д. претседатели Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев, при што постојано бил менуван и составот на кривичните совети во овој суд, бил лимитиран бројот на судии кај кои по случаен избор би се паѓале судските предмети. Така, всушност, се успевало да се паднат кај едни исти, подобни судии, предметите кои беа познати како политички монтирани и предметите на Специјалното обвинителство. Електронскиот АКМИС-систем и да сакал, не можел да ги пронајде судиите по случаен избор, вели Извештајот што го објави Министерството за правда, за злоупотребите со овој систем во Основниот суд Скопје 1 и во Врховниот суд. Извештајот е за периодот од декември 2015 до јули 2017, кога беше извршена контрола од работна група на Министерството, на чело со судиите Лазар Нанев и Зоран Димитриевски.

Според извештајот кој е испратен и до Јавното обвинителство, освен што бил изигруван електронскиот систем за распределба на судските предмети во овие два суда, во Основниот суд Скопје 1 дури за 860 предмети немало доделено судија. Со ова, пишува во Извештајот, се доведува во прашање точноста на статистичките податоци во месечните и годишните извештаи за работа на Судот и на судиите кои се доставувани до повисоките судови, во Судскиот совет и во Министерството за правда. Годишен план за движењето и управувањето на судските предмети немало, освен во 2013, а предмети дадени во работа на едни судии, им биле одземани и давани на други. Во извештајот пишува и дека Рибарев, во чие време се вршеше контролата во Кривичниот суд, затекнал рачно распределување на предмети, а тој лично немал воопшто изготвено извештај за работата на АКМИС-от во судот.

Констатирано било и дека законската процедура за исклучување на системот и распределување на предмети на рака, што може да биде како исклучок, воопшто не била почитувана и не биле наведени причините и оправданоста за тоа. Претседателот телефонски им се јавувал на судиите, не на писмено, а со тоа и без параф.

Во Врховниот суд, пак, за опсервираниот период претседатели биле Лидија Неделкова и актуелниот, Јово Вангеловски. Никогаш не била стандардизирана, а ни унапредена употребата и постапката за автоматска распределба на судските предмети во сите судови, а ни објавувана на веб страната на судот, што е законска обврска на Врховниот суд. Со промената на претседателката Неделкова, бил повеќепати менуван распоредот за работа на врховните судии, при што не се водело сметка за нивната специјализација. Кривичари се ставани во граѓански или во оддели за судења во разумен рок, граѓански судии се поставени во кривичниот совет на Врховниот суд. Во декември 2017, Вангеловски го сменил распоредот 9 пати. Во изјава пред новинарите, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски кажа дека не видел ништо незаконски во тоа.

При увид во судската писарница, Комисијата констатирала дека автоматската распределба на мал број предмети се вршела неколкупати во текот на денот, спротивно на правилата на автоматска распределба на предмети.

Translate »