Како до една од најценетите професии во Македонија
Ако се прашувате на која точно мислиме, ќе ви кажеме најпрво дека се работи за една уникатна и несекојдневна професија. За неа не е доволно само класичното образование, потребни се посебни обуки и тестови за одредени вештини и предиспозиции. Со неа доаѓа огромна одговорност, но и бенефиции. Тоа е една фасцинантна професија која е високо ценета насекаде во светот. Малку се такви професии, а една од нив е контролор на летање. Контролата на летање е во срцето на авио сообраќајот, се грижи за неговата безбедност, безбедноста на авионот и негово навремено полетување и слетување.
Што ви е потребно за да бидете контролор на летање? Во прв ред потребно е да поседувате одредени способности како што се брзото и правилно донесување на одлуки, смиреност, односно способност за работа под континуиран стрес, меморија, ориентација во простор, совесност и бескрајна одговорност. Во оваа професија ниту во една секунда не смее да падне вниманието. Потребно е одлично познавање на англискиот јазик, а потребно е и да сте во добра здравствена состојба. Високото ниво на сите овие елементи треба да се задржи низ целата кариера на контролорите на летање. Способностите потребни за оваа работа или ги поседуваш или не ги поседуваш и токму поради тоа се користат специјализирани тестови за оваа намена.
Секако, покрај вродените способности, потребни се и знаење и вештини, па контролорите на летање поминуваат стандардизирана обука и соодветен период на вежбање на потребните вештини пред да го насочат својот прв авион како и каде безбедно да лета. Единствено кандидатите кои успешно ќе ја поминат обуката имаат шанса да станат контролори на летање. Ова значи дека покрај поседување на неопходните способности потребна е и посветеност за да се стане контролор на летање.
Дали се препознавте себе во предходниот опис? Доколку се препознавте и мислите дека можете да одговорите на опишаните барања, зошто да не го проверите тоа? Во моментот М-НАВ, Македонскиот давател на услуги во воздухопловна навигација, има оглас за селекција на кандидати за школување за контролори на летање. Целиот оглас може да го погледнете на следниот линк: http://mnavigation.m-nav.info/?p=4332&lang=mk Со среќа!