Бектеши за „изгор“ цените: Компании сакаат да профитираат врз грбот на граѓаните, подобро да го зголемиме увозот

Во однос на високите цени на производите по маркетите, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во вторник Владата ќе донесе дополнителни одлуки.

-Уште не е поминат Законот за заштита на потрошувачите, кој е пратен во Собрание уште од април, поради блокадата на Собранието. Јас сум убеден дека во моментот кога ќе се усвои, тогаш ќе има големи санкции. Се жалат компаниите за зголемување на цените на струја, а цените на нивните производи ги зголемиле 3 до 4 пати повеќе. Нивната електрична енергија во креирање на одредена цена нема инпут ни 10 или 15 проценти од цената, што значи дека има компании што ја користат состојбата и сакаат да профитираат, рече Бектеши.

Тој порача дека доколку продолжи ваквата ситуација, подготвен е со предлог кон Влада – да укинеме сѐ како давачки.

-На крајот на краиштата, подобро е да го зголемиме увозот за овие производи со подобри цени на граѓаните, отколку тоа што го субвенционираме со милиони евра како производство, да се зголемат три или четири пати и да биде врз грбот на граѓаните. Доколку трендот продолжи уште неколку дена, тоа ќе се случи за граѓаните да имаат поевтини производи, било да се тие и увозни, информира Бектеши во вестите на Тв Сител.

Translate »