МВР го пушти градоначалникот на Демир Хисар
Полицијата го пушти градоначалникот на Демир Хисар, Марјанчо Стојановски. Тој вчера попладне бил повикан во полицијата под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањата за закани кои ги упатил во јануари годинава, за време на протест во тамошното основно училиште.
На аматерската снимка направена од мобилен телефон, се гледа и слуша како градоначалникот им се заканува на наставниците пред деца. На снимката се гледа дека луѓето се облечени во капути и долги ракави.
Стојановски на распит бил до 20.30 синоќа.
“По насока на Јавно обвинителство Битола, повикан е на информативен разговор во Полициска станица од општа надлежност Демир Хисар М. С. (49), градоначалник на општина Демир Хисар, поради објавена снимка во медиумите. М.С. во разговорот изјави дека снимката која се појавила на интернет е од протест во О.У. Гоце Делчев во Демир Хисар кој се случил во средината на јануари 2018 година. Протестот се одржал заради промена на две учителки во други подрачни училишта”, соопшти МВР.
Оттаму негираат дека настанот се случил сега и оти е поврзан со референдумот како што се шпекулира.
Во врска со овој случај ќе се повикуваат повеќе лица на службен разговор за да се расчисти целосно, велат од МВР.
Неофицијално, градоначалникот ќе добие кривична пријава за однесувањето кое е недозволиво и казниво со закон. Тој наводно се бранел дека бил изваден од контекст.
„Заборавате дека во МВР работев, заборавате дека ви слушам сите телефонски јавувања? “, се слуша на видеото како градоначалникот им се заканува на вработените во училиштето, врз главите на учениците кои молчат и го слушаат.