Македонското вино има најголема антиоксидантна активност
Македонските црвени вина се добро познати по своите специфични ароми и вкусови, како и по квалтететот за кој се знае и зборува не само денес туку и илјадници години наназад низ историјата. За добро вино најбитно е квалитетно грозје, а во добивањето на квалитетното грозје најголема улога имаат климата и климатските фактори каде што доминира факторот „Сонце“.
„Македонското сонце“ и климатските услови на територијата на Македонија се едни од најидеалните за производство на квалитетно грозје, а воедно и нa вино за чијшто квалитет сите ние знаевме. Но, сега за прв пат во историјата можеме да се пофалиме со темелно истражување кое покрај тоа што ќе ни го покаже составот на македонските црвени вина и неговата антиоксидантна активност, ни дава и можност за компаративна анализа на македонските со другите вина во светот.
Професорката Виолета Иванова-Петропулос е можеби најрелевантниот научник во Република Македонија кога станува збор за виното, неговиот хемиски состав и квалитет. Во ексклузивно интервју за ЕНаука.мк ќе ни ги објасни резултатите од истражувањето што го спроведе заедно со повеќе нејзини колеги на Печкиот факултет во Унгарија.
Од што се состои македонското црвено вино ?
Виното содржи стотици различни соединенија кои влијаат на квалитот на виното, а со ова истражување сакавме да го видиме составот на различните феноли коишто ги содржи црвеното вино, како директно најодговорни соединенија за неговите карактеристики, боја и квалитет.
Досега јас и моите соработници имаме направено и објавено повеќе истражувања за македонските вина, но во ова за прв пат беа определени голем број фенолни соединенија од различни фамилии, односно 65 различни феноли, меѓу кои 14 антоцијани, 18 пираноантоцијани, 16 флавоноли, 4 стилбени итн.
Исто така, со ова истражување ја тестиравме и антиоксидантната активност на вината.
Ќе ни кажете ли нешто повеќе за антиоксидантната активност на македонските вина
Антиоксидантната активност на виното значи колкава е моќта на одредено вино да делува како антиоксидант. Бидејќи во виното постојат многу различни супстанци со различна антиоксидантна активност, нашите резултати го покажуваат синергичкото дејтво на сите овие супстанци кое на крај дава една конкретна величина.
Постојат многу приказни кои ги поврзуваат здравствените бенефити од конзумирањето вино со неговата антиоксидантна моќ, меѓу кои најпознат е митот „Француски парадокс“ каде што се тврди дека поради конзумирањето на виното Французите имале подолг и поквалитетен живот проследен со намален број на кардиоваскуларни заболувања.
Каква е антиоксидантната активност на македонските црвени вина во компарација со други светски вина ?
Сите анализирани вина покажаа голема антиоксидантна активност, многу поголема во споредба со резултатите што ги имаат добиено други колеги во слични истражувања. Вина со антиоксидантна активност слична на нашите се само оние што потекнуваат од Јужна Африка.
Велите дека за прв пат во македонските вина се пронајдени Хидроксифенил-пираноантоцијани, што значи ова ?
Тоа се супстанци кои се одговорни за стабилноста на бојата на виното, и кога се работи за квалитетно вино разбирливо е тоа да има стабилна и константна боја.
Овие супстанци не се ништо ново во македонските црвени вина, тие се присутни во нашите вина отсекогаш, но сега за првпат се истражени детално, со сите нивни подгрупи и мерливи концентрации.
Што е клучно за добивање на квалитетно грозје односно вино ?
Најбитната состојка во процесот на добивање на квалитетно грозје се временските услови, климата и интензитетот на сончевата светлина, како и фенолните соединенија, кои настануваат во лушпата под директно влијание на сончевата светлина и делуваат како заштитен механизам на грозјето кое го штити од негативната УВ-радијација.
Македонија има идеални услови за одгледување на квалитетно грозје, а не заостанува ни во технолошките процеси за производство на квалитетно вино и со ова истражување ние само го потврдивме ова тврдење.
Конзумирањето на црвено вино богато со феноли и антиоксиданти значи една чаша здравје повеќе во животот.