Ѕанакопулос: Грција има меѓународна обврска да го ратификува Договорот од Преспа
Грција ќе го ратификува Договорот од Преспа, почитувајќи го својот партнер, но и своите меѓународни обврски, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчката телевизија „Контра“.
Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, категорично го отфрла сценариото Договорот од Преспа да не помине во грчкиот Парламент и уште еднаш изразува убеденост дека во грчкиот Парламент ќе го има потребното парламентарно мнозинство.
– Моето мислење е дека не постои сценариото за неизгласување на договорот, за нератификување, со фактот дека и господинот Мицотакис рече дека нема да направи ништо, освен да го почитува Договорот од Преспа, доколку се изгласа, вели Ѕанакопулос.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во интервју за грчката телевизија „Контра“, Ѕанакопулос рече дека посакува и двата процеси кај нас, референдумот и уставната ревизија да завршат успешно, а потоа, договорот да добие зелено светло и од грчкиот Парламент.
Тој ја повика партијата Река, да гласа за Договорот од Преспа, со оглед на тоа дека изјавите од оваа партија во минатото беа со поддршка за обидите на грчката Влада да постигне договор.