Никола Груевски: Од перспективен брокер до затвореник
Никола Груевски. Човекот кој беше премиер повеќе од 11 години, денеска се соочува со затворска казна. Во 1999 година стана министер за економија и ја почна политичката кариера – безмалку 20 години подоцна за него е потврдена казна затвор. Имало и ќе има политичари кои завршиле во затвор, ама на Груевски во макеоднски услови тоа никој не му го предвидуваше. Тој владееше како да ќе биде лидер секогаш. Историјата ќе покаже какви дела правел, македонското судство сега му потврди дека како премиер влијаел за набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард.
Роден е во Скопје на 31 август 1970 година. Од 1995 до 1998 година работел во Балканска банка, па во Светска банка и во Европската банка за обнова и развој. Бил претседател и основач на брокерската асоцијација и ја направил првата трансакција на Македонска берза. Во 1999 година на 29 години станал министер за трговија во Владата на Љубчо Георгиевски. Подоцна стан и министер за финансии.
Еден од првите потези на младиот и амбициозен министер ќе биде заштита на македонскиот бренд, преку популарната кампања „Купувајте македонски производи“ и кампањата „Македонија вечна“. Овие потези кои го поттикнаа националното чувство, ќе бидат вовед и предвесник за големи следни чекори на младиот реформатор.
Во 2006 година Груевски стана премиер. Во тој период, воведен е Данокот на додадена вредност и го отвора процесот на денационализација на националниот имот во периодот од 1945-1990 година. Во спроведување на економските реформи, на почетокот, влегува во сојузништво со меѓународните финансиски институции и кредитори.
„Ерата“ на владеење, Груевски ја обои и економски и политички. Но и националистички. Тој посегна по даночни промени, воведувајќи го рамниот данок, а во 2007 година го воскреснува замрениот проект „Слободни економски зони“ – по што следува широка и агресивна кампања а многу фронтови за привлекување на странски инвестиции.
Неговотовладеење го одбележаа серија на апсења кои ќе остават длабоки траги – дел од нив оценети и забележани во меѓународните извештаи како политички. Во затвор заврши неговиот сопартиец Љубе Бошковски, чиј случај сега е во суд. Во време на владеење на Груевски се случи и најголемата медиумска поларизација, но и „егзекуција“. Само во еден ден на „Перо Наков“ се затворија четири медиуми, меѓу нив и тогаш водечката А1 Телевизија, критичар на тогашните владини политики. Власта предводена од Груевски спроведе и неколку пошироки операции на апсења „Змиско око 1 и 2“, „Фаланга“, „Детонатор“, во затвор заврши новинарот Томислав Кежаровски, лисици на раце се ставија на доктори.
Технички, почетокот на падот на премиерот Никола Груевски започнува во февруари 2015 година. Објавена е првата „политичка бомба“ од страна на тогашната опозициска СДСМ. Процесот на објавување на незаконски прислушуваните материјали, почна и траеше. Но Груевски не попушти – напротив објави војна на „предавниците – домашни и странски“. Сепак, како дел од Пржинскиот договор, во јануари 2016 година, Грувески поднесува оставка од функцијата премиер.
„Ова е важен чекор за мојата верба во вас, граѓаните на Македонија. Мојот план е да бидам постојано со вас, да споделуваме идеи и планови проекти и чекори што дополнително да направиме, заеднички ќе обзнаниме една нова ера, визија за подобра иднина. Јас верувам во вас и во Македонија. Одиме напред, заедно рамо до рамо, секој ден до денот на изборите, кога гордо ќе кажеме дека успеавме“, рече Груевски во говорот во кој ја најави оставката.
По одлуката за повлекување од Илинденска бб, следува период во кој полека, но сигурно се урива „кулата од карти“.
Денеска Апелациониот суд ја потврди одлуката на првостепениот и го осуди Груевски на две години затвор. Според пресудата тој е виновен за злоупотреба на службената положба и овластување како и „за примање награда за извршување противзаконито влијание.
преземено од Фактор.мк