Заев:Сега е моментот да си простиме, ајде да почнеме од 27 април
Премиерот Зоран Заев ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и им понуди како гест на помирување простување за нападот во Собранието за 27 април минатата година.
„Сега е моментот да си простиме. Да си простиме сега кога е најпотребно. Сите знаеме дека кулминација на поделбите и омразата беше 27 април. Крвавите слики од пратениците го обиколија светот. Еве ја приликата да си простиме. Ајде да почнеме од 27 април. Сите знаете дека прва мета беа пратениците и вие како опозиција бевте исплашени за време на тие случувања. Сега е моментот да седнеме да си простиме. Знам дека тоа има цена. Јас сум подготвен да ја платам цената. Нема иднина ако прво ние не си простиме, тука во Собранието. И да им покажеме на сите дека сме си простиле и затоа ве повикувам, секој пратеник да одлучи по сопствена волја, дали сте за европска Македонија, за влез во ЕУ и НАТО или сте за изолација и сиромаштија“, рече Заев во образложението на предлогот за пристапување кон измени на Уставот на денешната седница.
Тој го повтори ставот дека не може да има подобар договор од сегашниот и дека тоа сите го знаат.
Претходно, Собранието не го поддржа предлогот на Илија Димовски да се симне предлогот за уставни измени по дневниот ред.