Домашна пита со тиква
Уживајте во есенската пита со тиква, позната како Тиквеница.
Намирници за тестото – 500 грама брашно, малку сол, малку масло, малку млака вода.
Подготовка
Преполовете ја тиквата, со лажица отстранете ги семките, исечете ја на кришки, па потоа излупете ја. Во посебен сад ставете брашно, малку сол, малку масло и додадете ја млаката вода. Добро замесете го тестото на забрашнета цврста подлога, направете го тестото внимавајќи да не биде претврдо. Потоа направете од него 5-6 мали топчиња. Секое топченце набрашнете го, па потоа исукајте го да добие дебелина како за пица и ставете го на крпа. Секое исукано тесто одозгора премачкајте го со масло и оставете малку да „одмори“.
Во меѓувреме, исечкајте ја тиквата на ситни парченца, а може и да ја изрендате. Посолете ја, додадете го сирењето, павлаката, црниот пипер и јајцата. Добро измешајте се додека не добиете компактна смеса.
Тестото префрлете го на цврста работна маса, и полека растегнувајте го со раце внимаваќи при тоа да не пукне. Доколку на некој дел пукне, внимавајте таму да не ставате од смесата со тиква бидејќи ќе истече во текот на печењето. Може од секое тесто да направите посебно парченце пита или пак, да направите едно големо парче, на крајот откинете ги краевите на тестото за да не биде предебело кога ќе се испече, па завитакајте го во ролна. Префрлете ја ролната внимателно во тава за печење која претходно сте ја намачкале со масло. Потоа уште еднаш одозгора питата премачкајте ја со малку масло.
Питата печете ја на 250 степени. Прво, 15-на минути печете ја на долната решетка од рерната, а потоа префрлете ја на средната решетка за да се потпече добро и одозгора. Кога ќе биде испечена, откинете мало парченце за да проверите дали е солена. Ако ви се чини дека е пресолена, тогаш во лонче ставете малку млеко и путер, и кога ќе зоврие со него прелијте ја питата за да се „убие“ соленоста. Ако пак не е доволно солена тогаш во зовриеното млеко со путер додадете малку сол и прелијте ја питата. Оставете уште неколку минути да се пече.
Питата од тиква послужете ја со јогурт или премачкајте ја со павлака пред да ја послужите.