Ја напуштив работата од девет до пет, за да работам на себе-што научив?
Колку и да изгледа нереално, глобалната работна сила се движи во насока на работење под краткорочни договори или хонорарна работа. Извештаите посочуваат дека во текот на 2017 година вкупно 57,3 милиони Американци работеле како фриленсери.
Џесика Тифлс работела како фриленсер уште од 2011 година. Седум години таа постојано влегувала и излегувала од фриленс-секторот, а и ден-денес работи со фриленс-клиенти, дури и по основањето сопствен бизнис. Ова се неколку клучни лекции што таа ги споделува, а кои може да ви бидат од помош ако сте подготвени да го оставите работното време од 9 до 17 часот.
Ти треба да бидеш кралот/кралицата на продолженијата
Во многу случаи вам ви се потребни клиентите повеќе отколку што сте им вие потребни ним. Затоа не може да испратите една порака и никогаш повторно да не стапите во контакт.
Не само што дневно низ целиот свет се испраќаат и примаат повеќе од 280 милиони електронски пошти – што значи дека вашата порака лесно може да се загуби во нечие сандаче – туку продолженијата покажуваат дека сте сериозни за работата.
Убаво би било откако ќе ја испратите иницијалната е-порака, по неколку дена повторно да пишете порака дека сакате „само да потсетите…“, а веќе откако ќе изминат две недели, би можеле да посочите: „ако не добијам одговор, ќе претпоставам дека проектот сте го насочиле во друга насока. Би сакал да бидам земен предвид, па ве молам контактирајте ме ако сте заинтересирани за соработка“.
Како што ќе добивате одговори, продолжете со комуникацијата. Ако ви одговорат на првата, а не ви одговорат на втората е-порака, вие продолжете. За да се потсетувате, можете да користите алатка како „Бумеранг“ – апликација за потсетување за „Џимејл“.
Ти го контролираш твојот раст. Затоа, напредувај!
Возбудливиот и предизвикувачкиот дел од работењето за себе е што си во целосна контрола на она за што те плаќаат. Возбудливо е затоа што не мораш да чекаш шефот да ти даде покачување, но предизвикувачко е затоа што треба да ја знаеш својата финансиска вредност како фриленсер и редовно да го ажурираш ценовникот. Но, во повеќето случаи може да се најдат податоци за тоа колку наплаќаат другите во истиот сектор.
Луѓето секогаш ќе сакаат да ти плаќаат помалку. Не прифаќај!
Лесно е да се мисли дека секоја сума е добра сума. Во некои случаи тоа може да е вистина – ако се мачите да платите кирија, на пример.
Сепак, важно е да запомните дека започнувањето некој проект значи дека не само што ви плаќаат, туку мора и да ја сработите работата, а за тоа е потребно време – време поминато подалеку од подобро платени проекти, време поминато подалеку од контактирање со стари контакти за нова работа и време поминато подалеку од вмрежување со локални групи за да најдете луѓе кои би ви платиле колку што заслужувате.
– Ми беше потребно долго време да го сфатам ова. Јас прифаќав проекти кои беа платени помалку отколку што сакав и чувствував бес кон клиентот и, што е полошо, бев фрустрирана. Ќе направев што можев да го завршам брзо и лесно затоа што не бев платена колку што знаев дека треба да бидам – објаснува Џесика.
Ова значи дека работата веројатно нема да ви е толку добра и тоа потенцијално би можело да се испречи на патот на идните проекти – клиентот може да не сака да соработува повторно со вас или да не ве препорача на други.
Ќе има гозби, но ќе има и глад
Возбудливо е самите да сте си шеф, да си го менаџирате времето и да прифаќате проекти кои ви се најинтересни. Она што е помалку возбудливо е менаџирањето на подемите и падовите на приходите и клиентите. Како нови фриленсери, ќе научите дека работата доаѓа во бранови – кога има многу, ве бомбардира, а кога има малку, имате чувство дека никогаш повторно нема да работите. Клучот е да сурфате на тие бранови и постојно да воспоставувате контакти со потенцијални клиенти.
Напуштете ја работата „од девет до пет“ во вистинскиот момент
Ако сте подготвени да ја напуштите работата од девет до пет, сега е моментот за тоа. Но, последната лекција е следнава: Не напуштајте ја работата пред да создадете база на постојани клиенти, ако можете да чекате. Убавината на работата како фриленсер е што можете да работите и навечер и за време на викендите.
Дајте си го тоа време да создадете контакти, да стекнете искуство и да ги научите триковите на трговијата. Кога ќе знаете дека можете да се издржувате, кажете ѝ збогум на работата од девет до пет и влезете во светот на самовработувањето.
бизнис инсајдер