Македонските судови ги толерираат големите загадувачи, и покрај отровниот воздух

И покрај тоа што Македонија е една од земјите со најтоксичен градски воздух во светот, македонските судови се чини дека не сакаат да се позанимаваат со опасностите што ги предизвикуваат големите загадувачи, открива истражувањето на судските архиви што го спровел БИРН.

Македонија стана најзагадена земја во Европа, а градовите Тетово, Скопје, Битола, Кичево и други, на моменти ги уриваат светските рекорди во концентрации на суспендираните честички ПМ10 во воздухот. Водата во реките излегува од градовите за една до две класи позагадена отколку кога влегува, а недостигот од систем за управување со отпадот создава ѓубришта насекаде.

Но иако во Кривичниот законик има глава од 16 члена што се однесуваат на загрозувањето на животната средина, борбата против овие појави недостасува во судската пракса. Пребарувањето низ судската архива покажува дека случаи главно се водат против поединци или помали фирми, додека големите загадувачи, или ги нема, или се извлекуваат, покажало истражувањето на БИРН.

Големите загадувачи на природата, и во ретките судски постапки што се воделе против нив, не само што се извлекувале со парични казни, туку и тие пресуди паѓале на апелациските судови, се заклучува во анализата.

Translate »