(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предложи мерки за намалување на загадувањето на воздухот
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека воздухот е се позагаден од кога било, а најодговорни за тоа се премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Сопје Петре Шилегов, битолската градоначалничка Наташа Петровска, и струмичкиот „татко“ Коста Јаневски.
„Владата на СДСМ продолжува со својата неодговорна политика во однос со најгорливото прашање – загадениот воздух. Во услови на температури од 20 степени во тек на месеците октомври и ноември, највисоки во последните 20 години, имаме и рекордна загаденост на целата територија на Република Македонија со ПМ честички. Згора на тоа, секој ден има исклучување на мерните станици од државниот мониторинг систем, со оправдување дека се на сервисирање“, изјави Виолета Ковачевиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа презентира интервентни мерки кои треба да се преземат.
„Конкретно во буџетот за 2019 година да се обезбедат средства за најмалку 3 статични и 4 мобилни мерни станици. Статичните мерни станици да бидат поставени во: Битола, во близина на РЕК, Кичево и во близина на „Дрисла“. Мобилни мерни станици да бидат поставени во Радовиш, Прилеп, Гостивар, како и во Петровец. Ваквата распореденост, во близина на рударските капацитети, каменоломи и аеродромот, е со цел да ги контролираат состојбите во тие градови и општини. Секако, до периодот потребен за нивна набавка и поставување, да се обезбеди покриеност со мерење, со инструменти во сопственост на универзитетите во Република Македонија, заради континуитет во информирањето. Да се обезбедат субвенции во износ од 50% за набавка на електрични и хибридни возила во поголемите градови во првите 3 години, а потоа мерката да се прошири и во останатите средини“, рече Ковачевиќ.
Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предлага да се обезбедат средства за набавка на печки на пелети и пелети, а тие средства да бидат обезбедени во буџетот за 2019 година, како најинтервентна мерка, наместо субвенционирање во набавка на дрва на социјално загрозените семејства, да им се исплатат средства за сметките за потрошена електрична енергија, да се забрани употреба на петрол, кокс, особено во услови на грејна сезона, да се овозможи, со поддршка на МВР, пренасочување на движењето од централните градски подрачја на товарните возила и градежните машини, во услови на загаденост, да се започне во 2019 година со градба на секундарната гасификациона мрежа, паралелно со примарната и да се врши редовна контрола од надлежните инспекциски служби на котлите за горење и оџаците.
„Во услови на загаденост над Мерните дозволени концентрации, во тек над 7 последователни дена, да се овозможи бесплатен градски превоз, додека трае загадувањето. Инспекциските служби, како на државно, така и на локално ниво, да работат во зимски услови 24 часа и јавно, секој ден со име и презиме, да ги обзнанат најголемите загадувачи и, согласно тоа, мерките кои ги презеле. Да се чистат сите диви депонии, особено да се инспектираат секојдневно оние локации каде што се пали отпадот со намера и да се изречат казнени мерки. Да се овозможи целосна бесплатна здравствена заштита, на граѓаните, посебно на децата и хронично болните, за кои е констатирано дека причината е загадувањето“, рече Ковачевиќ.
Таа додаде дека ова се само сет од мерките што во прва фаза ги предлага Комисијата за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, а кои ги имало во партиската програма.