Собранието со 62 гласови „за“ му го одзеде имунитетот на Никола Груевски
Собранието со 62 гласови „за“ му го одзеде имунитетот на избеганиот осуден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за шест судски предмети, во кои за него е побаран притвор. Никој не се пријави за дискусија на седницата, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа.
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања со мнозинство од присутните пратеници претходно му предложи на Собранието да му го одземе имунитетот на Груевски за тие шест судски предмети. Станува збор за предметите „Титаник“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Насилство во Општина Центар“, во кои Груевски е обвинет и за уште две истраги во кои е осомничен. За шесте барања за притвор немаше расправа ниту на седницата на комисијата, а на седницата не присуствуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
На 9 ноември, Собранието не му го одзеде пратеничкиот мандат на Груевски, бидејќи на гласањето немаше двотретинско мнозинство. За одземање на мандатот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ гласаа 58 пратеници, а против беа 29. За симнување имунитет потребно е апсолутно мнозинство од 61 пратеник.