На кои теми најмногу се ширеле лажни вести во 2018 година!

Кампањата на Европската Унија против дезинформации (EUvsDisinfo) објави преглед на главните трендови од областа на дезинформирањето за 2018 година, поврзувајќи го ширењето на лаги на се поширок опсег на прашања со активноста на руските тролови и медиуми, пренесе „КриТинк“.

Благодарение на притисокот кој владите од западните земји врз големите компании за информатичка технологија, во изминатата година тие ставија на јавен увид податоци кои го покажуваат влијанието на  дезинформациите на социјалните медиуми.

Прогласувајќи ја 2018 година за „добра година за троловите“ прегледот ги истакнува клучните статистички податоци добиени од Твитер, според кои дезинформациите се шират 6 пати побрзо од вистината на таа платформа.

Главна цел на руската компанија „Интернет Рисрч Ејџенси“ (ИРА), која служи како фабрика за тролови на Кремљ во измината година била манипулација со гласачите во САД. ИРА во 2018 година толку се има проширено што требало да се преселат во нови простории од 12.000 квадратни метри, кои се три пати поголеми од досегашното седиште.

Главни цели: Избори, Украина, НАТО и вакцините

Сенатот на САД утврдил дека режимот на Путин се служи со комбинација на „конвенцинални воени напади, атентати, кампањи за дезинформации и сајбернапади“ со цел да влијае на изборите и генерално на политиката во САД.

Примарен фокус на злонамерните руски кампањи за дезинформирање биле ситуацијата во источна Украина и Крим, со цел да се легитимните украински власти да се прикажат како агресори или дискриминатори на населението кое зборува руски јазик.

Други две главни цели на овие напори во 2018 година биле дискредитација на НАТО и наводните опасности поврзани со вакцинирањето.

Во однос на обидите да се поткопаат позициите и ширењето на НАТО, прегледот укажува дека освен интернет-троловите активна улога имале и руските медиуми, на пример преку лажно известување во врска со истрагата за соборениот патнички авион MH17, ширење лаги дека 7 германски пилоти дале отказ во знак на протест заради „воената кампања на НАТО против Русија“ и за случајот Скрипал.

Анализата на 1,8 милиони твитови покажала дека меѓу 2014 и 2017 г. 93% од  твитовите за вакцинирањето се од злонамерни профили, меѓу кои профили на руски тролови.

Студијата на Универзитетот Џорџ Вашингтон утврдила дека прашања од јавното здравство биле цел на „обиди да се шират погрешни и лажни информации од странски сили“ меѓу кои и од профили на руската фабрика за тролови ИРА. Тие промовирале и пораки за и против вакцинирањето, со цел да предизвикаат заблуди кај публиката и да ја намалат довербата во кон институциите.

Марк Дредзе, еден од авторите на ова истражување, изјавил дека целта на руските тролови е да предизвикаат неслога и нетрпеливост преку подбуцнување на двете страни на дебатата, со краен резултат на „намалување на довербата во вакцинирањето, со што сите нè изложуваат на ризик од заразни болести“.

Реакции на западните власти

Како реакција на овие влијанија, институциите од земјите на НАТО презеле низа мерки, почнувајќи од САД со покренување обвиненија против ИРА и 13 руски државјани за мешање во изборите во 2016 г.

Една од обвинетите, Марија Богачова, работела и во Македонија во 2015 г. според независно новинарско истражување на „Базфид њуз“ и Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP).

Со новите законски решенија во Франција интернет-платформите имаат обврска да објавуваат податоци за изворите на финансии за политичко рекламирање. Според новиот закон во Германија, компаниите кои во рок од 24 часа не ги отстранат содржините поврзани со говор на омраза или дезинформации од нивните платформи може да добијат казни до 50 милиони евра.

Како реакција, Фејсбук во 2018 година го има зголемено бројот на вработени задолжени за откривање и отстранување нелегални содржини. Само во текот на мај и јуни, Твитер има затворено 70 милиони сомнителни профили.

Translate »