Се откажавме ли и од цар Самоил?

Дали македонскиот дел од Комисијата за ревизија на историјата се согласила дека Самоил е бугарски цар, односно дека својот легитимитет го црпел од бугарската царска круна? По објавата во некои медиуми дека со бугарските колеги навистина постигнале согласност за тоа прашање, од комисијата за Алфа брифираат дека изјавата на претседателот Драги Георгиев била извадена од контекст и дека договор за Самоил се уште нема.

Според истите извори, македонската страна во разговорите се залага за денационализација на минатото, односно воопшто да не се поставува прашањето за националноста на историските личности, особено на оние од времето кога немало национални ентитети во современото значење на овој поим.

Претходно бугарскиот професор Иван Илчев изјави дека македонската страна признала дека Самоил бил владетел на Бугарија во рамки на која, во тоа време влегувала и територијата на современа Македонија. Тој рече и дека е прифатено решение за заедничко славење на Григор Прличев, кој бил бугарски учител, а во план е и заедничко славење на браќата Кирил и Методиј.

Македонскиот дел од комисијата инсистира на компромиси, додека бугарскиот е далеку потврд и често настапува од максималистички позиции според кои целата македонска историја се темели на митови и легенди, а не на историски факти.

„Во Македонија има цели поколенија на граѓани кои се воспитувани преку легенди и митови и многу е тешко тоа да се промени за неколку месеци. Но Комисијата нема никакво полномоштво да ги променува нештата, таа може само да им даде препораки на властите во двете земји. Дали политичките власти ќе се согласат со тие препораки, тоа веќе зависи од нив самите“ – коментираше Илчев неодамна за Бугарски „Tруд“.

Македонските власти, исто како и Комисијата, главно се воздржани и се повикуваат на Договорот за пријателство меѓу двете земји. Бугарските меѓутоа се многу поагилни, особено вицепремиерот Каракачанов и шефицата на дипломатијата Захариева, кои се заканија дека Македонија може да добие нова блокада на евроатлантскиот пат и тоа не само заради Самоил и Прличев, туку и ако продолжи да инсистира дека постои македонски јазик, кој според нив бил творба на Коминтерната.

Translate »