Избега осудениот за обидот за убиство на Зијадин Села
Никола Војминовски, кој е осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство на Зијадин Села, за време на насилствата во Собранието на 27 април , е во бегство, соопшти Кривичниот суд.
Од Судот наведуваат дека надлежната полициска станица, која вршела надзор над спроведувањето на мерката куќен притвор која му е определена и продолжена на обвинетиот до правосилната пресуда, го известила Судот дека осудениот со неправосилна пресуда, не се придржувал до определената мерка.
Војминовски ја доби максималната затворска казна од 13 и пол години затвор за обид за убиство на Зијадин Села, а беше и сведок на судењето за 27-ми април. Сведочењето на Војминовски беше меѓу првите кои го открија неуспешниот план за прогласување на воена состојба, но и детали околу организацијата на насилствата во Собранието.
По донесувањето на Законот за амнестија, одбраната на Војминовски побара амнестија за него. Барањето беше одбиено.