Милијардите на Гадафи и натаму во западните банки: Писмото на белгискиот министер го открило лицемерието на Западот! Еве што барале од Либија
Белгија побарала од Либија да ги подмири долговите на белгиските компании од ерата на Гадафи, додека истовремено ги зголемила изгледите за овозможување на исплата од средствата на замрзнатите санкции, открива писмото на министерот за надворешни работи, Дидие Рејндерс.
Белгиската влада е под се поголем притисок да објасни зошто овозможила стотина милиони евра, а можеби неколку милијарди евра во камати да одат кај непознати приматели од замрзнатите сметки во Брисел, кои припаѓале на режимот на Моамер Гадафи, убиен во 2011-та година.
Проценето е дека околу 16 милијарди евра од парите на Гадафи биле на замрзнати сметки.
ОН во септември заклучиле дека Белгија го прекршила законот со дозволување на таквите исплати, кои биле извршени меѓу 2012-та и 2017-та година.
Единствено можно објаснување за одлуката на Белгија се појавило во средата, откако “Politico” и белгиските медиуми дошле во посед на писмо од 2012-та година, во кое Рејндерс на либиската влада и навел дека сака да се исплатат сметките на белгиските компании, откако ја споменал можноста за деблокирање на замрзнатите сметки.
Рејндерс му пишал на министерот за надворешни работи на Либија, Ахур Бен Калај, дека белгиските трупи помогнале во ослободувањето на Либија и дека во тој дух сега сака да го извести за либиските имоти во Белгија. Тој укажал на техничката можност за ослободување на овие замрзнати средства, а потоа ги навел и долговите на низа белгиски компании, вклучувајќи го и произведувачот на оружје “FN Herstal” и уште една компанија во секторот за одбрана.
Во писмото од 1-ви август 2012-та година, Рејндерс му објаснува на Бен Калај дека постои формална можност според законите на ЕУ за санки “да се ослободат замрзнатите средства за, меѓу другото, хуманитарни цели”.
Рејндерс предложил листа од речиси 30 милиони евра за неисплатени сметки за осум белгиски компании.
“За да ги подмирам овие заостатоци, би ви бил благодарен ако би можеле да ми ги доставите налозите за плаќање на секој поединечен договор. Тоа ќе ги подобри условите поврзани со финансирање на извозот и ќе ги олесни нашите понатамошни активности меѓу нашите две земји”, пишува тој.
Не е јасно, меѓутоа, дали било кој дел од парите кои Белгија на крајот ги ослободила од либиските сметки бил употребен за плаќање на тие специфични долгови. Дејвид Марешал, портпаролот на Рејндерс, изјавил дека министерот нема сознанија за било каква одлука за одмрзнување на средствата или дали им биле исплатени на белгиските претпријатија.
Од компаниите кои се наведени во писмото, засега никој не потврдил дека Либија ги исплатила нивните долгови.
Во писмото кое на 12-ти февруари оваа година му го пратил на Ерик Ван Ромпеј, претседател на Одборот за финансирање на белгискиот парламент, Рејндерс ја отфрлил секоја врска меѓу одмрзнувањето на средствата и долговите кон компаниите во Белгија. Тој исто така се обидел да ја пренесе одговорноста на министерството за финансии.
“Сакам да ви кажам дека ова писмо е напишано со цел тие средства да се одмрзнат за хуманитарни проекти за либиското население. Меѓутоа, тоа бараше соработка и со либиските власти”, напишал Рејндерс во спорното писмо.