Ципрас ќе ја посети Северна Македонија со голема бизнис делегација
Грчкиот премиер Алексис Ципрас од економскиот форум во Делфи најави дека ќе биде првиот шеф на една грчка влада што официјално ќе ја посети „Северна Македонија под новото уставно име“, а со него ќе поведе и цела бизнис-делегација.
Тој најави дека во Скопје ќе се зборува како да се продлабочи соработката во одредени гранки, а најмногу во трговијата, туризмот, безбедноста, енергетиката и културата.
Ципрас дел од своето обраќање посвети на Преспанскиот договор и им порача на противниците на спогодбата дека „Атина и Скопје веќе го победиле национализмот“.
„Тие се обидуваа да го овековечат ќорсокакот наспроти политичката експедитивност. Преспански договор е ремек-дело. Ние избравме да застанеме на вистинската страна од историјата, без оглед на политичкиот трошок и ризик“, рече грчкиот премиер во своето обраќање.