Несовесни ловџии ловат диви животни со помош на петарди и предизвикуваат пожари
Несовесни ловџии ловат диви животни со помош на петарди и предизвикуваат пожари. За вакво неодговорно однесување на поединци проговори Петко Ристовски од „Македонски шуми“, кој триесет години работи на справување со шумски пожари. На координативниот состанок за анализа на рекордно зголемениот број пожари во Кавадаречко и Росоманско во овој период од годината, споредено со другите години, а на кој присуствуваше и МИА, тој беше дециден дека во 98 проценти од случаите пожарите се предизвикани од човечки фактор.
-Минатата година имавме два шумски пожара предизвикани од ловци. Знаете, во ловот има две групи луѓе, тие што го гонат дивечот и други што го чекаат на одредени места, за да го застрелаат. Е, меѓу тие првите има непромислени поединци, кои за да не викаат и да не урлаат по дивите животни, потпалуваат петарди и така ги насочуваат нив кон пушките. Од искра при палењето на петардата, при сув горлив материјал и изобилство од кислород, доаѓа до пожар. Не сме против тој спорт, но апелираме до неодговорните ловџии во иднина да бидат посовесни, рече Ристовски, нагласувајќи дека поради невнимателност, шума што растела сто години може да исчезне за многу кусо време.
Тој се осврна и на уште една рак-рана со која се соочува Тиквешко.
-Каде и да се завртиш деновиве, на секоја меѓа крај лозје, горат остатоците од резидбата на виновите лози. Па од сите страни чади, како Индијанци да се договараат со димни сигнали, додаде тој.
Се бара чаре да не се горат прачките по резидбата на лозите
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, појасни дека општината има почнато два проекта. Да може отпадот од окроени прачки да се собира и преработува.
-Но ниедна физибилити-студија не покажа дека е тоа економски исплатливо. Единствено општината како лозарски град и крај може за наредната година да направи некој проект и даде некои субвенции, па да се успее дел од тие прачки да се преработат и да се соберат. Околу 50 проценти да успееме да ги собереме да не ги палат и да го намалиме загадувањето. Ќе добиме многу поголем ефект и од здравствена заштита и од заштита на градот и околината. На тоа можеме да работиме. Јас мислам дека 90 проценти од причинителите за пожари во овој период се прачките што се палат сега. А ги палат уште во зелена состојба, прачките не се суви, а кога горат зелени, се три пати поопасни отколку да горат суви. Мое мислење е дека тука треба превентивно да се дејствува, в година како општина да направиме една физибилити-студија, да видиме што можеме да направиме околу преработка на тие прачки. Барем да ги отстраниме на некоја локација. Па и да ги палиме, да го правиме тоа на посоодветно место и на посоодветен, организиран начин, дециден беше градоначалникот.
Сомнежи и за можно намерно предизвикување пожар
Командирот на Територијалната противпожарна единица, Александар Чадамов, соопшти дека во 2017 година имало 228 пожари, лани 273, а годинава досега има 133 интервенции. До 10 март преклани имало 64, минатата година 50, а сега 133 пожари. Речиси за три пати е зголемен бројот на интервенции во Кавадарци и Росоман.
-Мора да се преземаат превентивни мерки, оти навистина бројката е многу голема. На линија сме со други командири од противпожарни единици и, за жал, ова во цела држава се случува, не е само кај нас. Во јануари имавме два пожара на отворено и 35 на објекти, претежно оџаци. Во февруари 22 на отворено, а 28 на објекти, а во март 24 на отворено само за 10 дена. Загрижува фактот што лани немаше пожари или имаше значително помалку од претходните години, па тревата е значително поголема и многу посува. Штетата би била многу поголема во случај на пожари. Постарите пожарникари со искуство велат дека вакви бројки немало во овој период од годината, нагласи Чадамов.
Командирот на Полициската станица од општа надлежност, Сашко Димовски, потсети дека како полиција, континуирано имаат превентивни акции. Меѓу другото, се делат летоци со едукативни содржини за издигнување на противпожарната свест. Такви активности има и Противпожарната служба.
-Го свикавме овој состанок со цел сите институции за општо добро да дејствуваме за намалување на бројот на пожари. Факт е дека поголем дел пожари се случуваат поради палење прачки и неконтролирање на огновите. Се сомневаме дека е можно да има и намерно потпалување, не само ненамерно. Да се алармира ако се забележат сомнителни лица на терен, рече Димовски.
Димитар Каракулев, инспектор за превенција, додаде дека е неопходно да се вклучат сите капацитети и со заедничка координација да се заштитат шумите од пожари.
На состанокот беше нагласено дека станува збор за една од најголемите општини по територија и по шума, со околу педесет илјади жители. Противпожарната единица е комплетно екипирана, обучена и опремена. На неколку места да се постават големи цистерни со вода за да се најде во итни случаи. Беше кажано во случај на пожар, задолжително да се информираат и брзата помош и полицијата. Да се направи список на ресурси од средни и големи фирми што би помагале по потреба.
-Но не само тоа. Неопходно е исто така да се зголеми свеста за да се помогне. За да не ни се повтори случајот од минатото, кога имаше пожар кај кавадаречко село. Селаните како казна го сфаќаа гаснењето на пожарот, за кој сметаа дека е далеку од куќите, па наместо да помогнат, си одеа на лозјата. Кога огнот дојде до куќите, почнаа да плачат, леле, аман, ќе ни изгорат домовите, раскажа доктор Драган Димитров, раководител на Брза помош – Кавадарци.